Организаторите на „Бадникови поворки“ оваа година најавуваат голема хуманитарна акција насловена како „Црвен тепих на хуманоста”.
„И оваа година поради КОВИД пандемијата, на наша голема жалост ќе изостанат нашите добро познати „Бадникови поворки“, но оваа манифестација, ќе се организира преку хуманитарен настан во кој Ве повикуваме сите вас масовно да земете учество!
Сите сте повикани да дадете свој допринос и барем малку да допреме до најранливите категории во овие светли денови од големиот празник на Христовото Рождество, да им донесат радост и утеха од времето што им натежнало.
Прилепчани се познати по хуманоста, па така нека биде и овој пат!
Сите патишта на 03,04 и 05 Јануари нека водат кон параклисот Свети Никола пред Божиќната пештера, каде ќе биде организирана хуманитарната акција наречена како „Црвен тепих на хуманоста”! Акцијата ќе се состои во донирање и поставување на нерасиплива храна пред пештерката од 09:00 до 15:00 часот во текот на трите дена“, велат од „Бадникови поворки“.
Во 10:00 часот на 6 јануари (четврток), детскиот хор при храмот Св.Кирил и Методиј, симболично пештерката ќе ја спроведат од параклисот на Свети Никола до камената бина на плоштадот „Александрија“, каде што хорот ќе се претстави со Божиќни песнички. Притоа, градоначалникот Борче Јовчески традиционално ќе ги дарува бадникарите со божиќни подароци.