Втора година по ред во Прилеп не се одржа Бадниковата поворка која традиционално тргнуваше од црквата Свети Кирил и Методиј, а потоа децата со импровизираната пештерка во која се родил Исус Христос шетаа низ целиот град. Како замена за тоа се одржа манифестацијата „Црвен тепих на хуманоста“, чиј организаторите се здружението на граѓани „Бадникови поворки“. Членовите на детскиот хор при црквата Свети Кирил и Методиј од параклисот на Свети Никола пештерката ја поместија 30 метри до Камената бина во центарот на градот каде пред присутните ги испеаја Божикните песни.
„Симболиката на Бадниковите поворки е што тие ги претставуваат овчарчињата и ангелите кои го најавиле Христовото раѓање. Односно коледарчињата кои и денес шетаат по куќите ние ги даруваме затоа што ни го објавуваат Христовото раѓање“, вели отец, Веле Спиркоски.
Во состав на оваа манифестација граѓаните можеа да донираат и храна која за Божик ќе биде распределена на 20-тина социјално загрозени семејства. Инаку и утрово со македонската коледарска песна „Коледица Варварица“ коледарчињата денеска во Прилеп го најавија Христовото раѓање и беа дарувани од домаќините на куќите кои ги посетија, а прилепските домаќинки пак од здружението „Преродба“ по 15-ти пат ја подготвија традиционалната посна Бадникова трпеза.
„Утрото започнува со коледарчињата кои коледаат по нашите домови, ние излегуваме и во корпите им ставаме костенчиња, оревчиња, крувчиња, јаболчиња и му се дава на коледарчиња по некој денар, најчесто железнии паричиња заедно со костените“, вели Лилјана Ацеска, членка на здружението „Преродба“.
На овој ден во некои региони во Македониија се врти паричка, а во други пат паричката се става во мазникот или зелникот за Василица.
„Лепчето го правам со паричка и вечерта кога ќе седнеме да вечераме, сопругот ги врти 3 пати. Потоа го крши, па го дели, прво за Господ, за куќата и на сите членови на семејството, според годините ни дава по едно парче. Како девојче кај мајка ми за Василица ја вртевме паричката, откако се омажив свекрва ми вртеше за Бадник и сега јас ги практикувам и двата обичаи“, истакна Ацеска.
Членките од Преродба се радосни што овие македонски традиции ќе ги продолжат младите кои биле заинтересирани за нашата, традиција, култура и историја.
„Здружението „Преродба“ на сите овие години на своето постоење ја негува традицијата, ќе продолжиме и понатаму, среќни сме што после нас ќе има кој да ја продолжии традицијата“, додаде Лилјана Ѓорѓиоска, претседателка на здружение „Преродба“.
Со сите овие настани и манифестации Прилеп и понатаму докажува дека е горд чувар на својата традиција.