Владата на својата фејсбук страница објави дека ги донесе Одлуките за измена на распоредот на средствата во посебниот дел утврден со Буџетот и за одобрување на тие средства од Буџетот на Република Македонија за 2021 година за реализација на мерките за справување со кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија.
Владата на Република Македонија на 131 седница ја донесе Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година.
Според Програмата, Ранлив потрошувач е домаќинство коешто користи гарантирана минимална помош и остварува паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството во согласност со Законот за социјална заштита и во коешто живее лице во состојба на социјален ризик (мајчинство, болест, старост, повреда и попреченост).
За заштита на ранливите потрошувачи предвидени се следните мерки:
Директна финансиска поддршка на ранливи потрошувачи на енергија како паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството во месеците од октомври до март.
Финансиска поддршка за лица со ниски примања доколку нивните редовни месечни примања не го надминуваат нето приходот и тоа: за самец до 15.194,00 денари; за домаќинство со два члена до 18.000,00 денари; за домаќинство до три члена до 21.000,00 денари; за домаќинство со четири члена до 25.000,00 денари; и за домаќинство со пет члена и повеќе члена до 30.000,00 денари. Овие лица ќе го остварат правото по пат на јавен оглас кој ќе го објави Министерството за економија.
Финансиската поддршка ќе се исплатува 12 месеци со право на намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600,00 денари месечно, сметано од денот на поднесување на барањето.
За Ранливите потрошувачи коишто користат гарантирана минимална помош и остваруваат паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството се предвидени и дополнителни мерки што ги презема операторот на системот за дистрибуција на енергија, како што се се ослободување од обврските за плаќање на надоместок за повторно приклучување, трошоците за вонредна верификација на мерната опрема, како и други слични мерки.
За спроведување на оваа Програма обезбедени се средства во износ од 60.000.000,00 денари и ќе се применува од 1 јануари 2022 година.
На оваа своја седница Владата ги донесе одлуката за измена на распоредот на средствата во посебниот дел утврден со Буџетот, како одлуката за одобрување тие средства од Буџетот на Република Македонија за 2021 година.
Одлуките за донесени за реализација на мерките за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија, заради справување со кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија.
Дополнително, Владата ги задолжи сите институции во надлежност на извршната власт од сопствените буџетски сметки и програми предвидени за набавка на електрична енергија, веднаш да ги исплатат долговите кон добавувачите на струја и одобри да се изврши пренамена на средства од други буџетски ставки каде што има неискористени средства за исплата на долговите за кон добавувачите на електрична енергија.
Овие одлуки, како и препораките до институциите на локалната самоуправа, до Собранието и до Канцеларијата на Претседателот на државата, имаат за цел да го помогнат снабдувањето со електрична енергија кое се остварува преку комерцијалните добавувачи.
Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за усвојување на тендерска документација за втора фаза во постапка за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река.
Согласно резултатите од првата фаза, 9 од 10-те пријавени компании ги исполнија условите од претквалификацијата и со тоа се стекнаа со право да достават на понуди за втората фаза.