Опозицијата бара одговори за што се преговара со Бугарија – Османи тврди не се идентитетски прашања

Facebook
Twitter
Email
Print

Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи побара од партиите консензус околу преговорите со Бугарија, тврдејќи дека не се преговара за идентитетски прашања, односно јазикот и другите идентитетски атрибути кои произлегуваат од правото на самоопределување.

„Никој не преговара за идентитетски прашања. Јазикот и другите идентитетски атрибути се прашања кои произлегуваат од правото на самоопределување на секој човек, на секој народ, на секоја етничка заедница, на секоја држава и тоа е неприкосновено право посилно од кое било друго право. За овие прашања ниту сме преговарале, ниту имаме право да го направиме тоа, ниту некој некогаш ќе преговара“, рече Османи.

Османи рече во пакетот 5+1 нема ништо спектакуларно и оти разговорите со Бугарија се во фаза на размена на идеи, нон пејпери и работни документи, кои не може да ги претстави пред пратениците затоа што со претставувањето на нецелосни документи може да се нарушат преговорите.

Претседателот на комисијата, пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека тешко опозицијата да има доверба во преговорите, кога Владата не сака да ги сподели со нив документите кои произлегуваат од преговорите.

„Нас државата ни дала полна доверба со тоа што ни дала државни сертификати да имаме пристап до секоја државна тајна, колку и да е класифициран тој документ. И ако државата ни дала доверба, тогаш зошто еден политичар којшто води државна институција да не ни дава доверба. Да ги разгледаме на затворена седница каде што ќе ви дадеме добронамерни укажувања. Нашите цели се заеднички, исти, да отпочнеме преговори, затоа што, со право кажавте, ги заслужуваме од 2009 година“, рече Милошоски.

„Вашиот легитимитет извира од пратениците, тука треба да информирате, оти така ќе градите консензус. Јас ако од телевизија дознавам за нотата што сте ја испратиле во Бугарија, тогаш имам проблем“, реагираше професорката Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ.

Османи најави дека во првиот момент кога ќе се стигне до ситуација да тие работни верзии станат прифатливи за двете страна, пред да се одобрат или стават во функција, писмено ќе бидат доставени и до пратениците.

Бугарија од 2020 година ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и оти македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи