Новоформираните тутунски здруженија: Николовски избега од средба со нас бидејќи не сака да ја слушне вистината


Денес во посета на Прилеп бил Министерот за земјоделство кој наместо да оствари средба со земјоделците од кои од прва рака би се запознал со проблемите со кои тие се соочуваат, тој на затворен и договорен состанок криеќи се од нив според неговата агенда доделил договори за закуп за земјоделско земјиште. Се вели во писменото соопштение на Новоформираните тутунски здруженија.

Соопштението го пренесуваме во целост.

„Па би го прашале министерот што би работеле земјоделците на оваа земја? Знаете ли министре дека тутунот го работиме со загуба? Просечната цена одвај достигна 195 денари, а килограм произведен тутун во оваа реколта тутунарите ги чини 217 денари?

Житни култури? Знаете ли министре дека пченицата и јачменот ни ги откупија за мизерни 10 денари? Свесни сте дека и овие култури ги работиме со загуба?

Истото се случува и со оризарите, овоштарите, лозарите, сточарите но за жал вие не сакате да се сретнете со земјоделци и здруженија кои ќе ви ја кажат вистината во очи, туку се среќавате со партиски земјоделци кои ви го кажуваат она што вие сакате да го слушните.

Почитуван оваа 2021 година како и неколку претходни години ја завршивме со загуби во секој сектор, а новата реколта ни е на прагот па како министер би ве прашале како да ја отпочнеме?

Со зелена нафта која не ја добиваат тутунарите и сточарите и која достигна преку 70 денари a која и понатаму ќе расте? Со ѓубрива кои се покачени за 300%во споредба од лани. Со репроматеријали и препарати за заштита покачени за 100%. Со празни акомулации за наводнување.

Затоа почитуван министер, погрешните политики во овој сектор нас земјоделците не уништија и ни требаат промени, но за жал она што се променува во земјоделието во овие неколку години е само министерот, за 4 години се променети 3 министри кои за жал наместо да облечат чизми тие со лакирани чевли шетаат по црвени килими наместо по полињата.

Штетата од сето тоа не ја трпат само земјоделците туку и цела држава И за крај Не се плашете да се сретнете со вистинските земјоделци од нив има многу што да научите“, се вели во реакцијата на новоформираните тутунски здруженија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи