Со донација вредна 1.061.000 американски долари, која што се состои од 593 камери кои ќе бидат поставени на полицајците задолжени за контрола и регулирање на сообраќајот се заокружува проектот „Мобилен систем за снимање со камери”.
Станува збор за проект на ИЦИТАП програма на Одделот за правда на Владата на Соединетите Американски Држави наменета за Единиците за сообраќајот и Одделот за гранични работи, кој започна во 2016 година кога за прв пат полициски службеници беа опремени со мобилни камери.
Мобилните камери веќе се ставени во функција во Скопје, Тетово, Куманово, Охрид, на пет гранични премини како и во Мобилната единица за компензаторски мерки, а ќе бидат опфатени и внатрешните сектори во Велес, Битола, Штип и Струмица, како и Одделението за гранични работи и миграции.
„Овие камери ги обезбедивме за да ги поддржиме напорите на Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност да изградат модерна и транспарентна полициска служба која ќе биде насочена кон заедницата и ќе ги почитува човековите права. Ова значи дека граѓаните ќе имаат појасна слика, а воедно и доверба за начинот на кој органите за спроведување на законот им служи на нивните потреби“, рече вршителот на работите во Амбасадата на САД во државава Ерик Мејер.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски изјави дека е горд што во релативно краток временски интервал успеале во Министерството за внатрешни работи да реализираат многу реформски проекти и задачи.
„Станува збор за проект што има суштинско место во стратешкиот план на Бирото за јавна безбедност при МВР во делот на сообраќајот, односно сообраќајните работи чија имплементација е поткрепена и нормативно преку Законот за полиција и оперативно преку веќе постоечките Стандардни оперативни процедури за работење што со себе носи бенефит што многу значи и за нас како полиција и за граѓаните како учесници во сообраќајот. Впрочем, со мобилниот систем за снимање не само што ќе се добие на квалитет и документирањето на прекршоците, туку истовремено се подига квалитетот на полициското постапување, неговата професионалност и транспарентност“, рече Спасовски.