Вработените во државната управа, локалната самоуправа и правосудството остануваат единствените вработени во државата кои земаат плата под законскиот минималец. Според синдикатот на УПОЗ сeгa требало да се направи усогласување на вредноста на бодот согласно законот за минимална плата. За 8 години минималната плата се зголемила за 125%, а кај државната администрација за само 4%.
„Се бориме за изедначување на нашата плата со минималната плата. Не бараме никакво зголемување. Нека помине оваа енергетска криза, економска криза, пандемијата, тогаш ние нашата борба ќе ја сконцентрираме да се врати соодносот од 2014 година кога минималната плата беше 8.000 денари во стопанство, за минимум труд и минимум квалификации, додека минималната плата во администрација беше 12.000 денари“, истакна Бошко Талески кој што е претседател на синдикалната организација при ЕЛС Прилеп.
Лани во декември се потпишал Колективен договор помеѓу УПОЗ и Општина Прилеп како прва Општина во државава со кој вработените кои имаат плата под минималецот се изедначуваат со таа плата, а на сите други вработени да има усогласување со минималната плата, односно плати повисоки за 5 %. Но Советот на Општина Прилеп иако првично прифатил потоа не се согласил со тој Договор. Од УПОЗ се плашат дека сега после ова никоја општина нема да сака да склучи Колективен договор. Токму затоа локалните самоуправи се соочувале да не можат да вработат лица со високо овразование.
„И ние сакаме да вработуваме архитекти во Општина бидејќи ни недостасуваат, сакаме инспектори, сакаме ИТ сектор кој што ни фали. Па кој вработен со високо образование ќе се вработи за плата од 22.000 денари. Паѓааат огласи во локални самоуправи, државна управа и правосудство, бидејќи нема конкурентни плати, никој не сака да работи за 16.000 денари“, потенцираше Трпе Дејаноски, претседател на синдикатот на УПОЗ.
Од УПОЗ најавија дека ако Општина Прилеп не го почитувба Колективниот договор на располагање им стојат тужбите, но и другите мерки како протести и штрајкови.