Голем е интересот кај граѓаните за користење на мерката за финансиска поддршка за покривање на дел од сметките за електрична енергија за домаќинствата со ниски примања. Според министерот за економија Крешник Бектеши бројот на пристигнати барања во архивата на Министерството за економија, заклучно со вчерашниот ден, изнесува 6.500, а согласно предвидените буџетски средства за оваа намена која изнесува 60 милиони денари, со финансиска поддршка можат да се стекнат околу 7.000 домаќинства.
„Очекуваме дека денеска и утре во архивата на Министерството за економија да пристигнат уште 200 барања од барателите кои заклучно со вчерашниот ден преку пошта ги испратиле своите апликации. Со што сакам да заклучам дека имаме успешна реализација на оваа мерка“, кажа Бектеши.
Тој истакна дека финансиска поддршка ќе добијат лица со најниски примања во домаќинство во 2021 година, во соодветната категорија, која беше во склоп на Јавниот повик.