Со 101 глас „ЗА“ пратениците ги изгласаа предлог-измените на Законот за минимална плата и покачување на истата на 18.000 денари.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска истакна дека промените во Законот за минимална плата се донесени по конструктивна дискусија на Социоекономскиот совет со синдикалците и работодавачите.
„Со предлог-измените се менуваат критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот согласно податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Со предлог-измените се предвидува висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена од ДЗС за претходната година. Овие измени ќе опфатат околу 80 000 наши сограѓани кои со исплатата на мартовската плата ќе добијат покажување од 15 200 на 18 000 денари“, рече Тренчевска.
Предлог законското решение, треба да ги помине собраниските комисии за труд и социјална политика и законодавно – правната комисија.