ВИДЕО – Се дигитализира целата архива на прилепскиот театар од 1950 до денес – се скенираат фотографии, плакати, исечоци од весници


Во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ започна реализацијата на еден огромен и значаен проект, а тоа е дигитализација на целата архива на оваа установа. Се скенираат фотографии, плакати, исечоци од весници, големо богатство од архивски материјали кои се создавале 1950 година па се до денес. Проектот е финансиран од Министерсвото за култура, а за истиот е набавена и потребна опрема. Инаку целата оваа архива на театарот во хартиена форма се чува во посебна просторија, селектирана и класифицирана во папки.

Богатство собирано 72 години, во последниве 10-тина години се е дигитализирано со новите техники, со новиот начин на работа, и се она што е од старите претстави сега со овој проект ќе се дигитализира. Колку време ќе трае тоа не можеме да претпоставуваме затоа што станува збор за еден обемен материјал, а после тоа планот е да се дигитализираат и текстови кои се поставувале на сцената на театарот и доколку сме во можност и тоа ќе се дигитализира, бидејќи станува збор за некогаш и за ретки претстави. Бидејќи театарот е познат по тоа дека во изминативе години поставувал македонски драмски текстови прв пат на сцената. Праизведба имале тука, после се поставувале во другите театри, тоа е големо богатство не само за Прилеп туку воопшто за театарската уметност во нашата држава“, вели Каролина Мицеска, советник за односи со јавност во ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.

Идејата е откако ќе заврши овој проект дел од овие материјали да бидат поставени на интернет страната на Центарот за култура за поголема достапност до публиката.

Ние како театар имаме многу богата историја и имаме доста богата архива и на овој начин трајно ќе се заштити нашето културно наследство што го има сработено прилепскиот театар од почетоците, па се до денес. Тоа значи дека и многу полесно да се презентира пред самата јавност, како за нашите потреби така и за потребите на самата јавност“, истакна Јасмина Мицовска Станкоска, в.д директор на ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.

Инаку во петок театарот „Војдан Чернодрински“ одбележува 72 години постоење. Завеста првпат се кренала на 18 февруари 1950 година, со изведбата на претставата „Кир Јања“ од Јован Стерија Поповиќ, а во режија на Аце Михајлоски. Театарот, кој сега е дел од НУЦК „Марко Цепенков“, за овој временски период прикажал над 360 премиери, се одриграле  над 7000 претстави кои ги гледале околу 1,6 милиони луѓе.

Најгледани и најиграни претстави низ сите овие годините се „Од кол на кол 1“ во режија на Коле Ангеловски, како и „Солунски патрдии“ на Миле Попоски, исто така во режија на Коле Ангеловски. Двете претстави се одиграни над 100 пати.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи