Во моментов 455.000 граѓани во Македонија и секое 4 дете живеат во сиромаштија, а пандемијата дополнително го зголеми овој јаз на нееднаковоста, а се зголеми и бројката на невработеност. Голем е јазот и помеѓу урбаните и руралните средини, каде дел од луѓето немаат ниту пристап до основните права. Токму затоа денеска во Прилеп се одбележа Светскиот ден на Социјална правда за да се потенцираат сите овие аномалии и да се пристапи кон суштински социјални реформи.
„Не е целта да се насочиме само кон сиромашните туку треба да се креираат мерки кои ќе спречат некој дополнителни да паднат во сиромаштија. Дополнително подобрување на квалитетот на образование, подобрување на пристапот до ресурси, особено за жителите на руралните средини. Зголемување на вработеноста, давање повеќе можности за младите. Некои рурални средини се соочуваат да не можат да пристапат до основните права како пристап до здравство, пристап до социјални услуги, пристап до вода за пиење. На 20 км. од Прилеп, има село каде 80 деца немаат пристап до вода“, истака Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
Од Центарот за социјална работа од Прилеп велат дека на подрачјето на Прилеп, Кривогаштани и Долнени за време на пандемијата не е зголемемн бројот на корисници на гарантирана парична помош, а за тоа според нив помогнале реформите во социјалната заштита.
„И како еден од најзначајните е изработката на активационите планови. Центрите за социјална работа во соработка со Агенцијата за вработување прават проценка кој е највработливиот член на домаќинството кое е корисник на гарантирана минимална помош и за истиот изготвуваат активационен план и пробуваат да го вработат и на овој начин да се прекине генерациското користење на социјална помош“, изјави Дејан Тошески, директор на Центар за социјална работа Прилеп.
Организатори на настанот беа ЛАГ АГРО ЛИДЕР и Фондација отворено општество Македонија.
„Ние во Фондација отворено општество Македонија следејќи ги глобалните и европските приоритети на Фонациите отворено општество остануваме посветени на подобрување на на економската и социјалната благосостојба пред се на маргинализираните групи. Токму затоа сме тука денес да дадеме поддршка на ЛАГ АГРО ЛИДЕР кој што го спроведувата и проектот социјална правда во руралните средини чиј што фокус подобрување на економската и социјалната благосостојба на жените во руралните средини“, рече Кире Миловски, програмски координатор во Фондација отворено општество Македонија.
Инаку Светскиот ден на Социјалната правда за прв пат се одбележува во Прилеп.