Сојузот на извидници на Македонија реализира низа активности по повод 22 Февруари – Светскиот ден на извидниците и роденденот на основачот на извидништвото Баден Пауел. Активностите се организирани од 22 извиднички одреди во 17 градови во Македонија. Под мотото „Направи добро дело“ се организираат крводарителски акции, социјална помош за лица на кои им е најпотребно, собирање донации, инклузија на деца и млади со помалку можности, згрижување на улични животни, грижа и заштита за животната средина итн.
Колку што се прославува денот на извидниците во нашата држава, толку се долго се одржува и традиционалната крводарителска акција во организација на Сојузот на извидници на Македонија и Црвениот Крст на Република Северна Македонија.
Крводарителската акција е во склоп на низата активности по повод 22 Февруари – Светски ден на извидниците. Истата ќе се одржи на 22 февруари од 10 до 18 часот во Младинскиот центар Матично кој се наоѓа во просториите на старо Матично во близина на општина Центар. Добредојдени се сите граѓани со наполнети 18 години, добра здравствена состојба и желба да направат добро дело.
Ве поттикнуваме и вие да се вклучите во нашата кампања #НаправиДоброДело и заедно да создадеме подобар свет. Со цел да инспирираме уште повеќе добри дела, вашите добри дела може да ги објавите на социјалните мрежи користејќи го тагот #НаправиДоброДели и #scoutsmacedonia.
Извидничкото движење продолжува да биде најголемата организација за деца и млади во Македонија со преку 2500 членови која придонесува во неформалното образование и физичкиот, социјалниот, психичкиот, интелектуалниот и емотивниот развој на децата и младите.
Создаваме подобар свет!