Матичните лекари денес протестираат во своите амбуланти преку неиздавање на рецепти и упати на пациентите, освен за итните случаи. Тие се незадоволни од малата капитација и финансиските шокови, поради што бараат од Фондот за здравствено осигурување зголемување на вредноста на капитацијата по пациент, а во спротивно се плашат од затворање на нивните амбуланти.
„Финансиските шокови, повисоките сметки за струја, но и покачувањето на минималната плата особено ги погоди матичните лекари од малите населени места кои имаат амбуланти со мал број на пациенти. Со постојниот надоместок кој го добиваат од Фондот, а кој изнесува 63 денари од пациент, лекарите не можат да ги платат медицинските сестри со минимална плата од 18.000 денари, да ги платат зголемените сметки за струја и да ги покријат сите давачки, поради што се соочуваат со ризик од затворање на ординациите“, вели претседателката на Здружението на приватни матични лекари, доктор Лилија Чолакова- Дервишова.
Според податоците на Здружението на матични лекари, само во последниве неколку години околу 400 амбуланти низ земјава се затворени, а доколку не се решат проблемите ќе следува затворање и на други ординации.