Шаховскиот клуб Прилеп организира серија од ГРАНД ПРИ турнири во шах со завршен турнир кој ќе го одреди и шампионот на Прилеп за 2022 година. Првите два турнири се одржаа во просториите на клубот во старата чаршија, а во план е организација на следните турнири на отворено кај шаховската табла пред Домот на култура Марко Цепенков,во паркот на вештачкото езеро и други локации низ градот како би се популаризирал шахот насекаде.
На вториот турнир учествуваа 16 играчи од Прилеп,Битола,Лажани и Саждево. Се играа 15 кола по бергеров систем-секој со секого при што победи играчот на ШК Прилеп Дејан Ѓорѓиески кој освои 13,5 поени, пред соиграчите Тони Кироски и Кире Николоски со 12,5 поени.Четвртото и петтото место го поделија Матеј Звездакоски од ШК Алкалоид и Марјан Дамчески од ШК Прилеп со 10,5 поени.
Турнирот протече во најдобар ред со најава за следниот кој ќе се одржи на 13 Март 2022 година, додека на 19 и 20 Март во Битола на Славјанскиот универзитет Державин ќе учествуваме на викенд турнир во забрзан шах како еден вид на подготовки за Екипното првенство кое ќе се одржи во јули и август.
Активностите на ШК Прилеп продолжуваат со Шаховската школа за најмлади која започнува на 1 Март 2022 година во просториите на клубот под водство на шаховските инструктори Тони Кироски и Јустина Дутка.
Ова е след на активности по огромниот успех на ШК Прилеп на Купот на Европските шампиони каде го освоивме 14 место а нашиот играч – индискиот велемајстор Гукеш освои златен медал и беше најуспешен шахист на турнирот.