Во организација на Австриското Федерално Министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачи и Австриската организација Wien Work беше организиран онлајн настан „Имплементација и рамка на социјалните претпријатија во Австрија“.
Претставници на релевантни министерства, регионалните центри за поддршка на социјално претприемништво и граѓански организации преку овој настан се запознаа со работата и програмите на едно од најдобрите социјални претпријатија во Австрија.
Аташето на Австриското Министерство – г-н Харалд Фугер ја презентираше законодавната рамка во областа на вработувањето и социјалната инклузија потецирајќи го потенцијалот на социјалното претприемништво како иновативен модел за социјална инклузија, ресоцијализација и вработување на луѓето од ранливите групи.
Г-н Волфганг Шперл, Директор на социјалното претпријатие Виен Ворк (Wien Work) ја презентираше работата на Виен Ворк и нејзините достигнувања во областа на интегративните претпријатија и социјалните претпријатија. Во Република Австрија постојат 8 интегративни претпријатија кои опфаќаат 2000 вработени лица со попреченост и 1000 вработени лица без попреченост, кои се ко-финансирани од Министерството за социјална работа.
Организацијата Виен Ворк е основана во 1981 година како „заштитна работилница“ и до денес обезбедува вработување, обука и советување за лица со попреченост и долгорочно невработени лица без попреченост. Оваа инклузивна организација (компанија) опфаќа 3 големи области:
- инклузивна професионална обука со околу 40 вработени и 170 практиканти
- интегративно работење и СЕП “Michls’s” – околу 360 вработени (мин 60% лица со попреченост) со дополнително 70 вработени во социоекономското претпријатие “Michls’s”
- управување со вработување – околу 70 вработени со 2700 клиенти на годишно ниво
Со поддршка на Министерството за социјална политика, Агенцијата за вработување и Фондот Виена оваа организација обезбедува едукативна програма за изучување на 11 професии, обезбедува инклузивно стручно оспособување и вработување преку советување и квалификација.
Со безброј успешни приказни и достигнувања, Виен Ворк е препознатлива ширум Европа и пошироко по достигнатите резултати и добрите практики за професионална ориентација, вработување и социјална инклузија.
Австриското министерство за социјална работа и Виен Ворк нудат отворена поддршка за воведување на социјалното претприемништво во нашата држава преку презентирање на добри практики кои се неопходност за да се воспостават успешни и одржливи социјални претпријатија во нашата држава.
Автор: ЛАГ АГРО ЛИДЕР.