Одбележан Денот на баталјонот на специјалните сили, односно популарните „Волци“

Facebook
Twitter
Email
Print

Во касарната „Илинден“ во Скопје денеска се одржа церемонија на која што беше прославен Денот на баталјонот на специјалните сили, односно познатите Волци, кои слават 28 години од нивното формирање.

„Вие сте првата единица која по членството во НАТО успешно го заврши процесот на оценување на борбена готовност и со тоа станавте првата единица која ги исполни строгите стандарди на НАТО во оценувањето на обученоста. Вие со вашите стекнати знаења и вештини сте пример за останатите ваши колеги од останатите единици, со што давате еден голем придонес во севкупната борбена готовност на Армијата на претстојните оценувања согласно НАТО стандардите“, рече во своето излагање министерката за одбрана Славјанка Петровска.

„Со ова не само што покажувате дека е соодветно избраното мото на единицата „Секогаш и секаде први”, туку вие сте секогаш подготвени да продолжите да вложувате во своите способности и знаења, а тоа е видливо и по вашиот професионализам, резултатите и многубројните признанија кои ги добивате од вашите колеги ширум Алијансата, рече министерката за одбрана и најави дека вакви оценувања ќе има веќе на почетокот на наредниот месец на вежбата „Блесок 22″, каде ќе се оценува борбената готовност на лесно-пешадискиот баталјон согласно стандардите за оценување на Здружената команда за операции на НАТО.

Заменик началникот на Генералштабот на Армијата, Азим Нуредин рече дека Баталјонот за специјални сили е особено значаен не само за Армијата која оваа година одбележува тридецениски јубилеј, туку и за граѓаните затоа што преку професионалноста и беспрекорноста покажуваат посветеност на висината на поставените задачи.

Командантот на Баталјонот на Специјални сили потполковник Оливер Зариовски упати ветување дека припадниците на единицата ќе продолжат да работат пожртвувано, ќе го одржат приматот да бидат секогаш први и ќе продолжат да бидат ѕвезда водилка за останатите единици.

Баталјонот за специјални сили е формиран во 1994 година и претставува прва армиска специјална единица. По повод одбележување на 1 Март Денот на баталјонот на специјални сили беа доделени стимулативни мерки за припадници на единицата, односно на 5 војници од единицата „Волци“ им беа доделени златни значки.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи