ВИДЕО – Малиот Петар не се пронајде во старите окна на „Партизанка“, засега нема траги ниту околу селото


Спасителните тимови ниту денеска не го пронајдоа 10 годишниот Петар Џобески кој исчезна на 25 февруари кај селото Врбско во Мариово. Дарко Неданоски, раководител на спасителната служба „Златоврв“ од Прилеп денеска влезе во старите окна на поранешната фабрика „Партизанка“ од Прилеп кои се наоѓаат во близина на селото. Но малиот Петар не беше таму.

„Окното беше длабоко околу 70 метри. Операцијата беше навистина ризична, не знаев што ме очекува внатре, бидејќи во тие окна нема влезено никој повеќе од 40 години, откако е затворена фабриката. Цело време носев боца со кислород поради можноста од појава на концентрација на моноксид и јаглерод диоксид CO2. Го пребарав и теренот внатре во окното, но таму немаше никаква трага дека некој воопшто бил тука. Друга екипа од Спасувачкиот тим денеска бараше во околината на селото, но и тие не најдоа никаква трага од детето“, вели Дарко Неданоски, раководител на спасителната служба „Златоврв“ од Прилеп.

Во оваа акција учествуваат околу 100 луѓе припадници на државните служби како: Центар за управување со кризи, Тимот од Прилеп за заштита и спасување од високи објекти, Тимот за брз одговор за спасување од планина од ПОЗС – Битола, Дирекција за заштита и спасување, Министерство за внатрешни работи, погранична полиција Старавина подрачно Витолиште, Спасителна служба Златоврв Прилеп, АРМ, ТППЕ Прилеп, ТППЕ Штип. А вклучени биле и доброволци.

Потрагата ќе продолжи утре по течението на Црна река.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи