Жените од руралните средини имаат КЛУЧНА улога во производството на храна, но и во креирањето на одржлив развој во локалната заедница. Токму тоа е и главната порака која што оваа година ја испраќаат и Обединетите Нации по повод , а оваа година Меѓународниот ден на руралната жена – 15 октомври се одбележа со пораката “Жените од руралните средини произведуваат здрава и безбедна храна за СИТЕ нас! Но, дури 84% од жените во руралните средини за време на Ковид пандемијата имаат намалување на нивните економски приходи од земјоделските активности кои што ги вршат, а нивните производи и понатаму остануваат непродадени.
Дури 56% од жените во руралните средини немаат информација за можностите за финансиска поддршка кои што им се нудат, а работат и по 11 часа на ден, работа која што НИКАДЕ не е евидентирана и платена! Една од основните пречки поради која што не бараат работа или пак не основаат сопствен бизнис е тоа што нема кој да им ги чува децата, ама и фактот дека имотот сеуште припаѓа на мажот и го наследуваат машките членови во семејството.
Жената ја нема ниту во донесувањето одлуки во домот, а уште помалку во месните заедници каде што од 270 месни заедници од 17 општини, жената како претседателка може да ја сретнете само во 3. Советите на општините се сеуште доминантно машки тела, а дека влијанието и учеството на жената во политичкиот и јавниот живот е сведено на минимум говори и фактот дека од 350 жени од руралните средини само 3% или десетина жени биле во општината да поднесат иницијатива или пак учествувале на јавна седница на Советот на општината. Ваквата состојба најреално е претставена и со податокот дека од 80 општини и град Скопје ние имаме само 2 жени градоначалнички.
Иако сме во период на изготвување на нови стратешки документи и закон за родова еднаквост жените од руралните средини се споменати само начелно и тоа најчесто како земјоделки, а не сите жени во руралните средини се занимаваат само со земјоделство. Кога сме кај законската регулатива тука би ја споменале и законската пречка во законот за здравствено осигурување кој што не им ја дава можноста на жените од руралните средини регистрирани согласно законот за пензиско и инвалдиско осигурување да користат породилно боледување или боледување при повреда на работа односно на нива.
Токму поради овие причини Рурална Коалиција и оваа година стапува во Рурална Мартовска Акција оваа година под мотото “Ги нема жените, го нема напредокот!“ Акцијата ќе ги опфати жените, мажите, но и локалните чинители особено општините во 5 различни плански региони Југозападен, Југоисточен, Полошки, Пелагониски и Североисточен. Денес пораката дека ако ги нема жените ќе го нема ниту напредокот ниту пак одржливиот развој во локалната заедница ја испративме од општина Радовиш од каде што ја стартувавме акцијата, а воедно ги засиливме и нашите редови со потпишување на меморандум за соработка со Женска Акција Радовиш. Кон акцијата ни се придружуваат исто така и жените од првиот онлајн женски е-пазар “Наша тезга“ кои што освен тоа што ја испраќаат пораката за нивно економско јакнење, испраќаат и порака преку ширење на осмомартовските торби со органски изработени козметички производи за нега токму набавени од платформата.
Руралната мартовска акција продолжува на 07-ми март со жените од руралната општина Старо Нагоричане и одржување на информативна сесија за можностите за нивно економско јакнење ама и за механизмите за вклучување во процесите на донесување на одлуки во локалната заедница, за потоа на 08-ми март да се приклучиме кон генералниот марш во Скопје како членки на Платформата за родова еднаквост под мотото “Сиромаштијата има женско лице“, а на 09-ти ќе говориме за можностите за развој на социјалното претприемништво преку Наша тезга во Центарот за социјални претпријатија во Скопје со жените пратенички во Собранието на РСМ. На 10-ти продолжуваме во селото Тумчевиште, Гостивар од каде што исто така ќе ги испратиме пораките за економско, социјално и политичко јакнење на жените од руралните средини, а на 11-ти Ви го претставуваме новиот проект кој што ќе го споведуваме во наредните 15 месеци, а ја разработува темата како со ЕУ знаење да ја подобриме родовата еднаквост во руралните средини.
Акцијата потоа до крајот на месец март ја пренесуваме на социјалните медиуми преку објава на колумни, текстови, инфографици кои што говорат за различните улоги на жената во руралната средина, а при тоа не заборавајќи ја онаа главната – носителка на промените и одржливиот рурален развој.
Руралната мартовска кампања е дел од годишната програма на Рурална Коалиција која што е поддржана со институционален грант во програмата на Цивика мобилитас.
Цивика мобилитас е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) за поддршка на граѓанското општество во Македонија, која ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ФЦГ од Шведска.
Автор: Рурална Коалиција.