Сиропосна недела – Кој не умее да простува, тој не умее ни да љуби

Во создадениот свет, проштевањето претставува животна димензија, која е подарена и поврзана исклучиво со човекот. Човекот е единствената од Бога создадена творба, која можи да простува. Единствено човекот можи да направи зло, заради зло, но и да прости, зашто е човек, Божја икона. Само иконата и подобието на Бога во човекот можат да простуваат, можат да не бараат и да не прават ново зло, да не ги отвораат вратите на смртта и уништувањето. Злото во нашиот свет се состои во непростувањето, во отсуството на љубов, во ропството и затворањето на пред слободата на простувањето. Простувањето е кулминација во оставрувањето на личната и човечката слобода, и никој и никогаш не можел на човекот да му го скрати правото и слободата да простува, освен самиот на себе.

Тешко е да се простува. Многу е полесно да се храниме со болката и страдањето на оној, кој ни прави зло, па уште и да најдиме грст логични оправдувања за себе и за другиот, за да не простуваме и зло да правиме. Простувањето не е логика. Простувањето не е од овој свет, не е од логичниот и паднат човек, од смртниот и пропадливиот, од оној, кој живее само за денес. Простувањето е видлив израз на љубовта и слободата, на царското достоинство на човекот, дар Божји во него, кој го подигнува од светот, момент на вечноста, предвкусување на Небото и рајски мирис.

Луѓето кои простуваат не создаваат подобри општества и цивилизации, туку создаваат Божјо Царство преку Светиот Дух, за Кого сведочат со своето простување. Тие не се толерантни, туку човекољубиви; не се добри членови на општеството, туку членови на Царството Небесно, собор на светии кој доаѓа, во кого нема зло, грев и смрт. Животот во постојано простување е начин  на постоење, кој ги надминува границите на создаденото на секое познато општество и цивилизација, па затоа простувањето не е можно да се дефинира, опиши и смести во било каква животна форма. Простувањето е прекрасно и величествено, тоа е од Бога дарувано само на човекот, како најскапоцен подарок, наметка со боја на царски пурпур, која ги прелива своите бои во нетвраната Христова светлина. Простувањето е човекот, кој ги победува светот и злото, кој е победник во радоста на Воскресението и причесник на Господовата Трпеза.

Ние сите знаеме дека мораме да простуваме, но многу често не знаеме како тоа да го направиме. Но, во Светото Евангелие Господ јас нè советува: За да се научиме да простуваме, потребно е да се научиме и да го примаме простувањето, кое ни е понудено! Да се прифати простувањето и да се дојди до способност да простуваме – е едно и исто. Постои само еден грев, кој не можи да биди простен – тоа е кога ние не им простуваме на другите! Сакајќе да нè научи на вистинскиот живот, Господ ни го простува огрмниот долг, кој е целосно неспоредлив со она, што нам ни должат другите. Никогаш и со ништо не можи да се отплати нашиот долг, но Господ, ете, ни го простува! Ако ние го прифатиме овој Господов дар, ние ќе постанеме способни да им простуваме на другите.

Ужасна грешка ќе направиме, ако се потпираме на својата моќ, мислејќи дека некако„ќе постанеме глуви за навредите и ќе се потрудиме сè да заборавиме“. Да се прости, не значи да се заборави! Да се заборави значи сè брзо да се предаде на минливото време, кое постепено сè бриши. Човекот, кој е способен да ги заборава ситните навреди и да не прави од ништо-нешто, поседува здрав карактер. Меѓутоа, не е можно да се заборави нешто што е сериозно. Кога нештото, кое е важно и суштинско за животот, е разурнато, тогаш тука нема место за заборавот. Ова е очигледно насекаде, а не само во видливите нешта.

Кој не умее да простува, тој не умее ни да љуби. Ако некој, кого си го љубел, те повредил, а ти не можиш да му простиш, тоа значи дека твојата љубов била лажна и дека не е повредено твоето срце, туку твојата гордост. Ако си христијанин, не само по име, туку и по живот – ќе простиш! Ќе собериш сила за Христовите зборови: „Прости им, Боже, бидејќи не знаат што прават!“. Ќе простиш, во најмала рака, заради своето спасение. Тоа не е оправдување на лошите дела на оној, кој те повредил, туку прифаќање на Божјата волја и пребивање во Христа. Ништо во овој свет не се случува без Божјо допуштање. Ако Бог допуштил нешто да се случи, тогаш, кој си ти тоа да го осудуваш!? Дали си ти очистен од своите гревови, па се осудуваш да фрлиш со камен кон ближниот? И тој е Божјо чедо, Божја икона, кој има свои маки, има свој крст. Ако во него не ја гледаш Божјата икона, не ја гледаш ни во себе.

Можеби Бог ја допуштил твојата рана, за да им даде прилика на твојата љубов, на простувањето, на верата… Ако не собериш сила и храброст за тоа, тогаш ѓаволот ќе ја однеси победата, а две Божји свеќи ќе изгаснат. Преку простувањето му го отвораш патот на ближниот кон покајанието. Моли се за него! Тоа е единствен пат кон простувањето и совладувањето на сопствената гордост. Но, добро внимавај, ако не се молиш оскрено, ако, молејќи се, не си му простил, сееш зло семе по нивата Господова. И тогаш какви плодови ќе никнат од неа? Ако не можиш да простиш, немој да доаѓаш ни на Литургија, немој ни да постиш, ниту да се причестуваш, зашто си обичен лицемер и лажго. Бараш Господ да ти ги прости твоите гревови, а самиот не си способен да му простиш на ближниот. Како таков, запрашај се, која вера ја исповедаш и на кој Бог се молиш? Со горчина и непростени навреди во своето срце, твојата вера не е онаа, која ја проповедал Спасителот, а тоа е вера на покајанието, на простувањето и љубовта. Ако таков, горделив и гневен, стоиш пред Господа, тогаш тргуваш со светињата, а твоето учество во животот на Црквата е фарисејство и лага. Со што ќе заблагодариш на Бога? Па вистинската благодарност се состои во подвигот на простувањето и добрата Божја намера, дури и тогаш, кога тоа за нас е премногу болно.

Простувањето е философија и начин на живеење за секој вистински Христов следбеник. Двете најголеми психолошки препреки во нашиот живот, кои нè спречуваат до доживееме искрен мир во душата, се чувството на вина и чувството на огорченост.

Кога ние ги повредуваме другите луѓе, тогаш во нас им чувство на вина и тогаш ни е потребно покајание, но кога другите луѓе нè повредуваат нас, тогаш постануваме огорчени и тука ни е потребно простувањето. Живеејќи го животот, ние често сме повредени од другите. Често сме биле повредени во минатото, а уште многу пати ќе бидеме повредени во иднина, некогаш намерно, некогаш ненамерно. И ако не научиме како да го отстраниме тоа чувство на повреденост, кое ни го нанесуваат другите, тогаш тоа сè повеќе ќе се насобира во нашиот живот, во нашиот внатрешен свет.

Постојат две најважни причини, заради кои мораме редовно да им простуваме на другите. Првата причина е таа, зашто Бог и нам ни простил! Он секому од нас му простил и ни простува безброј пати. Затоа и ние мораме да им простуваме на другите. Ако не простуваме, се однесуваме како безмилосниот слуга од новозаветната парабола.

Втората причина е таа што, лутењето и огорченоста претставуваат самоизмачување. Кога имаме огорченост кон некого, тоа е многу поболно за нас, отколку за личноста, кон која сме такви. Таа личност можеби и не мисли повеќе за тоа. Нè повредиле во минатото, заборавиле на тоа, продолжиле со својот живот, а ние уште сме натоварени со тоа што се случило пред години, или уште додека сме биле мали.

Во последно време, многу медицински списанија се занимаваат и со овие духовни манифестации, па често нивните заклучоци се совпаѓаат со двеилјади годишното искуство на Црквата. Така, на пример, многу медицински стручни лица и познати психолози од светски ранг, тврдат дека, луѓето кои во себе носат огорченост имаат два пати поголеми шанси да добијат мозочен удар, три пати поголеми шанси да добијат срцев удар и четири пати поголеми шанси да добијат зголеме холестерол. Заклучокот од овие испитувања е многу повеќе од јасен: Здравјето не е само она што го јадиме, туку и она што нас одвнатре нè јади! Ете, тоа е она што нас нè прави да бидеме болни!

Во Светото Писмо, во книгата на праведниот Јов, е напишано: „Еден умира во најголема сила своја, сосема спокоен и мирен; внатрешноста му е полна со маст, и коските му се напоени со мозок. Друг, пак, умира со огорчена душа, без да вкуси добро“ (Јов 21: 23-25). Да запамтиме: Ние не сме создадени од Бога за да носиме лутина и огорченост низ животот. Носењето на лутина и огорченост, очигледно дека повлекува тешка казна со себе, а тоа е пребивање во затворот на своето болно тело и огорчен ум. Можеби мислиме дека нема да му нанесиме штета на оној, кој нè повредил, со тоа што носиме лутина и огорченост против него, додека, всушност, самите го пиеме тој отров и се уништуваме себе си.

Мораме да научиме да простуваме, зашто и нам секојдневно ни е потребна прошка од Бога. Секој од нас, во својот живот, во домот, душата и телото, носи некоја болка, мака, тешкотија, која ја крие длабоко во своето срце и од себе, и од другите. Затоа свети Василиј Велики нè советува: „Секогаш биди со ведро лице, за да ја пренесиш својата радост на оној, со кого разговараш!“. А еден друг старец надополнува: „Сè што правите во животот, правете така, за другите да помислат и да речат: Леле, колку се израдував, одморив, утешив и освежив!“.

И уште нешто: Секогаш радувајте се на успесите на вашите ближни! Учествувајте во сите нивни успеси и дарови, кои ги примаат, зашто сите негови напори се и ваши и обратно. Да си бидеме помошници едни на други, зашто сите ние се наоѓаме на иста задача и постојано се бориме со едни и исти страсти. Принципите на неосудување, самоукорување и пожртвуваност се единствените, кои можат да нè однесат во горниот Ерусалим.

Навистина, така е! Сакаме ли да ни биде простено? Тогаш, да се научиме и да почниме да простуваме. Амин!

Автор: протоереј Златко Ангелески

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи