Околу 13 вработени во „Терминал Комуналец“ чиј дел се и вработените во трпезаријата на новите Градски гробишта веќе 3 месеци се без плата и без здравствено осигурување. Доколку овие денови не добијат плата најавуваат дека ќе започнат со штрајк.
Инаку „Терминал Комуналец” ДООЕЛ е претпријатие формирано од страна на Ј.K.П. Комуналец- Прилеп, односно негова фирма ќерка.
Од партијата Левица информираат дека претставници на вработените, го побарале на увид договорот со кој се формира „Терминал Комуналец” ДООЕЛ, сѐ со цел да се видат правата и обврските на основачот и основаната фирма.
„На седницата Управниот Одбор на Ј.К.П. Комуналец – Прилеп ги ислуша сите засегнати страни и побара ЈКП Комуналец – Прилеп да направи ревизија на целокупното работење на неговата „ќерка” фирма „Терминал Комуналец” ДООЕЛ, од 2017 година до денес, за да се откријат причините кои допринеле до катастрофалната финансиска ситуација, кои што резултираат да претпријатието не може да се самоодржува и не може да ги исплати редовните примања на вработените кои им следуваат по закон“, велат од Левица.
Вработените пак во „Терминал Комуналец” кои денеска не сакаа јавно да зборуваат истакнаа дека треба да се најде под итно начин како да продолжи со работа ова претпријатие затоа што во минатото додека терминалот финкционирал со максималниот свој капацитет огромна количина на средства се давале на ЈКП „Комуналец“, а сега ова јавно претпријатие не сакало да им излези во пресрет.