Прилепската болница деновиве повторно како пред околу 1 месец се соочи со недостиг на мазут, па мораше просториите каде се наоѓаат хоспитализираните пациенти и медицинскиот персонал да ги затоплува со клими и греалки. Дел од пациентите се жалеа дека им е ладно и дека се разболеле поради таквата ситуација. Според директорката Кети Смилеска, проблемот настанал затоа што претходниот добавувач ЕВРОТИМ ГДС од Кичево, кој имаше договор до 03.03. уште во февруари се откажал дека дека нема услови повеќе да доставува мазут. Итно се започнало со брза постапка за набавка, која ја одобрило Бирото за јавни набавки, но и таа процедура траела едем месец и затоа мазутот пристигнал дури вчера.
„Просториите каде се наоѓаа пациентите и персоналот беа затоплени, но ходниците е факт дека беа помалку топли, заради состојбата со постапките, тендери, односно за спроведување на јавна набавка, мора да се запазат одредени рокови и затоа овој беше максималниот рок кога можеше да се спроведе оваа итна постапка. Вчера добивме 25 тони на мазут кои ќе бидат доволни до крајот на грејнатта сезона, а со тоа се реши проблемот кој се провлекуваше неколку денови“, истакна Кети Смилеска, директорка на општа болница Прилеп.
Во тек била редовната процедура за тендер за нов добавувач која треба да заврши за околу 2 недели, потоа следува рок на жалби и некаде во април ќе се знае која фирма ќе ја снабдува болницата со мазут во наредната една година. Се надеваат дека нема да има повеќе вакви проблеми.
„До крајот на грејната сезона сме обезбедени со потребната количина на мазут. Во тек е редовната постапка за обезбедување на мазут, за тековната 2022/2023 година. Роковите течат, добавувачите кои ќе се јават на постапката за обезбедување на мазут ќе бидат разгледани нивните понуди и ќе биде одбран најповолниот добавувач“, додаде Смилеска.
Во моментов во болницата се сместени околу 50 пациенти во сите одделенија, од кои 12 се болни од ковид. Во дневната ковид болница доаѓале 4 пациенти секој ден да примат терапија, а исто толку секој ден доаѓел и нови пациенти за преглед.