Уште осум граѓани од кои четворица наши, а четворица украински државјани, но во роднинска врска со нашите, бараат да бидат евакуирани од Украина, информира денеска на редовниот брифинг министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Од 120-те мапирани и контактирани наши граѓани, околу 80 проценти се веќе евакуирани, останати се осум граѓани коишто бараат евакуација, а се се уште во Украина. Од нив четворица се наши државјани, четворица се украински државјани, но во роднинска врска со нашите“, посочи Османи.
Министерот додаде дека околу 20 лица не сакаат да се евакуираат, иако биле контактирани преку МНР. Четири лица од нив замолиле МНР да не ги контактира во врска со евентуална евакуација.