Стровија нападната од крадци – жителите велат сами ќе ги бранат своите домови бидејќи полицијата не реагира

Ако полицијата не може или не сака да нѐ заштити од крадците кои секојдневно ни го пустошат селото, тогаш ние сме принудени веќе да не бираме средства како да си ги заштитиме нашите домови. Вака звучи очајничкиот крик на жителите на долненското село Стровија, кои објаснуваат дека секоја вечер си легнуваат со страв и со грутка во грлото дека ќе бидат нападнати и ограбени, а како што велат, принудени се неколкупати во ноќта да го прекинуваат сонот за да извршат обиколка околу својата куќа.

Само во текот на викендот, појаснуваат селаните, крадците влегле дури во 9 куќи.

„Нашето село е пусто во зимскиот период, бидејќи голем дел од луѓето одат во градовите и таму презимуваат, а се враќаат напролет кога ќе затопли. Затоа има многу куќи кои зјаат празни, а кои се примамлива цел за крадците. Само за време на викендот беа ограбени 9 куќи, но со проблемот се соочуваме со месеци наназад. Најчесто ги кршат вратите и прозорците, а крадат алатки за земјоделство, ракија, вино и сѐ што ќе најдат. Крадат и бела техника. Замислете, дошле со трактор, се паркирале во дворот на една куќа и ја товариле цела покуќнина, вклучително и фрижидерот и телевизорот. Разбирате за каква дрскост се работи? Минатиот месец, соседот ги фатил крадците на лице место додека „оперирале“ во неговиот имот, но морал да се повлече оти крадците станале агресивни. Секојпат повикуваме полиција, ама ништо не се менува. Очигледно, потребно е сами да почнеме да делуваме и да почнеме да ги ловиме крадците како да се глувци“, раскажува сопственик на викенд-куќа во селото Стровија, а кој поради безбедносни причини сакаше да остане анонимен.

Како што објаснува соговорникот, не е исклучена можноста во дел од куќите да бидат поставени стапици во кои ќе се заробуваат крадците.

„Ова веќе не се издржува. Секоја вечер легнуваме со пушката покрај креветот, а стануваме неколкупати во текот на ноќта и шетаме во дворот како да сме каубојци. Секој лаеж на кучињата за нас претставува предупредување за опасност од крадци и разбојници. Секое утро броиме нови ограбени домови. А во полицијата, за жал, немаме доверба. Затоа, решивме да ги преземеме работите во наши раце, па што биде нека биде“, посочува нашиот соговорник.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) посочуваат дека полициските екипи работат на откривање на сторителите кои извршиле низа кражби во селото Стровија.

„На 12 март и на 13 март во полициската станица Ропотово пријавени се провални кражби во куќи и викендици во село Стровија, долненско, при што излезено е на лице место од страна на полициски службеници од ОВР Прилеп и од ПО Ропотово. Притоа, констатирано е дека во дел од куќите (подрумски простории) не е одземено ништо, додека во дел се однесени предмети за домаќинство. Извршени се сите потребни дејствија, и интензивно се работи на откривањето на сторителите дотолку повеќе што одредени првични сознанија веќе постојат, а како резултат на низата оперативни мерки и активности преземени во тој реон во насока на превенирање на ваквите појави“, посочуваат од МВР.

Оттаму велат дека на 11 март биле поднесени кривични пријави против четворица прилепчани кои извршиле тешки кражби во неколку прилепски села, вклучително и во Стровија.

„Поднесени се кривични пријави против С.А (33), Ф.Е(40), Д.К (19) и Џ.А (30) сите од Прилеп, осомничени дека сториле серија од кривични дела – Тешка кражба од член 236 од Кривичниот законик. Имено, станува збор за група која се сомничи за тешки кражби во куќи, цркви, колонијални продавници, трафостаници на подрачјето на прилепско и долненско, односно во селата Стровија, Костинци, Слепче, Веселчани, Алинци, Лопатица, Вранче, Заполжани, при што насилно со подесен алат влегувале во објектите и одземале разни бакарни предмети, покуќнина, рачен алат, кабли, гуми, електрични апарати и друго. Пронајдени се дел од одземените предметите, а се преземаат активности за пронаоѓање и на останатите предмети, но и на други лица инволвирани во овие криминални активности. Односно, се преземаат дополнителни мерки и активности со цел обезбедување на нови докази и сознанија во насока на проширување на кривичната пријава и расчистување на делата со откривање на други сторители“, велат од МВР.

Извор: Плус Инфо

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи