Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ја објави најновата статистика за пензиите за месец февруари. Податоците покажуваат дека вкупниот број на пензионери во вториот месец од 2022 година изнесува 326 646 пензионери. Просечната пензија во февруари изнесувала 16.293 денари.
Од вкупниот број на пензионери 325 636 добиле пензија врз основа на работно право, 940 се запишани како воени пензионери и 70 лица се корисници врз основа на земјоделско право. Најниска просечна пензија е земјоделската 8.472 денари, највисока воената од 23.576 денари. Просечната семејна пензија изнесува 13.031 денар, инвалидската 14.657 денари, старосната 17.592 денари.
Статистиката на ПИОМ покажува огромен јаз меѓу примањата на пензионерите
Најголемиот дел од нив земаат пензија што спаѓа во највисоката квота или пак во најниската. Податоците говорат 101.328 пензионери, што е најбројна група (31.02%) земаат пензија над 18.001 денар. Втората по бројност е групата пензионери што земаат пензија до 11.500 денари и нивниот број изнесува 89.591 (27.43%). Не е за потценување ниту групата на пензионери што земаат од 11.501 денар до 14.000 денари. Нивниот број изнесува 66.494 (20.36%). И 69.233 пензионери (21.20%) земаат пензија помеѓу 14.001 и 18.000 денари.
НАЈНИСКИ ПЕНЗИИ
Најниските пензии се групирани во три групи во зависност во која година пензионерите заминале во пензија. Пензионерите од 1996 година земаат пензија од 12.576 денари до 13.172 денари. Нивниот број е 10 448-ина.
Бројот на пензионери од 1997 година изнесува 4.360. Нивните пензии се движат помеѓу 10.276 денари и 11.469 денари.
Третата група на пензионери со најниски примања што заминала во пензија во 2002 е најбројна, 66 082-ца. Нивните пензии се движат од 10.791 денар до 12.042 денари.
НАЈВИСОКИ ПЕНЗИИ
Највисоката пензија на граѓаните што ќе заминат од пензија од први годинава ќе достигне над 1.000 евра или поточно 60.294 денари. ПИОМ пресметал, но засега ниту еден пензионер не може да се пофали со толку висока пензија па графите на ПИОМ се празни.
ОСТВАРЕНО ПРАВО | ДЕНАРИ | СЕМЕЈНА ПЕНЗИЈА | ИНВАЛИДСКА ПЕНЗИЈА | СТАРОСНА ПЕНЗИЈА | ВКУПНО |
---|---|---|---|---|---|
Остварено право до 31.12.1996 | 44,778.00 | 2 | 7 | 77 | 86 |
Остварено право од 01.01.1997 | 41,724.00 | 7 | 1 | 29 | 37 |
Остварено право од 01.01.2002 | 43,465.00 | 34 | 13 | 827 | 874 |
Остварено право од 01.01.2016 | 54,623.00 | 2 | 0 | 41 | 43 |
Остварено право од 01.01.2017 | 54,289.00 | 1 | 1 | 43 | 45 |
Остварено право од 01.01.2018 | 54,156.00 | 1 | 0 | 50 | 51 |
Остварено право од 01.01.2019 | 55,685.00 | 4 | 0 | 49 | 53 |
Остварено право од 01.01.2020 | 56,582.00 | 1 | 0 | 76 | 77 |
Остварено право од 01.01.2021 | 59,674.00 | 4 | 1 | 69 | 74 |
Остварено право од 01.01.2022 | 60,294.00 | 0 | 0 | 0 | 0 |
В К У П Н О | 56 | 23 | 1,261 | 1,340 |
И натаму максималната пензија во земјава изнесува 59.674 денари, а ја уживаат 74 пензионери. Вкупно пак пензионери со највисоки пензии во државава се бројат 1.340. Максималните пензии се движат од 41.724 денари до 59.674 денари. Најголем дел од пензионерите со високи пензии или поточно 874-ца имаат пензии во висина од 43.465 денари.
Во Собранието беа усвоени измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Со новиот закон пензиите ќе се усогласуваат како збир од 50 % од порастот на трошоците на живот и 50 % од пораст на просечната плата во државата во согласност со податоците од Државниот завод за статистика.
Новата методологија ќе почне да се применува од септември оваа година, а усогласувањето ќе се прави како и сега – двапати во годината, во март и септември. Тоа значи дека веќе од овој септември околу 330.000 пензионери ќе добијат историско највисоко зголемување на пензиите, кои во просек ќе растат приближно по 900 денари.
Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/