Дрвокрадците прават вистински пустош во атарот на прилепското село Ореовец, а институциите скоро и ништо не преземаат. Планините каде имало шума сега се претворени во пустини. Жителите се жалат дека дневно тука поминувалe и по 30-тина шпедитери, натоварени со 60-тина метри кубни дрва. И тоа се случувало буквално секој ден. Групата на дрвокрадци некои денови броела и до 70 мина. Жителите се плашат и за својот живот затоа што добивале закани ако се обидат да ги спречат дрвокрадците.
„30 шпедитерии дојдоа, а ние бевме 7 мина, што можеме да направиме? А на едне шпедитер има по двајца дрвокрадци. Тоа се 60-70 души, една чета. Ии плус се закануваат. Запревме лани 4 шпедитери и се закануваат, ја пали моторката и директно кон нас со пилата се заканува“, рече Борис Наумоски, жител на село Ореовец.
И додека нашата екипа ги снимаше овие изјави во далечината дрвокрадците веќе одеа да сечат дрва. Саво Николоски вели дека дрвокрадците за неколку години 100% му ја уништиле неговата шума, а државата воопшто не го заштитила.
„Мојот имот е околу 35 декари и има уништено околу 400 до 500 кубни метри дрва од кај мене во период од 3-4 години. 100% се е уништено. Пријавувавме во полиција, понекогаш доаѓаа, ќе дојдат, дрвокрадците ќе му избегаат, овие не можат да ги бркаат да ги фатат и тоа е тоа“, кажа Саво Николоски, жител на село Ореовец.
Во последно време дрвокрадците толку се охрабриле што започнале да ја крадат и црковната шума која се наоѓа на стотина метри од црквата. Иако под голем притисок дошла полиција и биле одземени неколку кубни метри дрва, дивата сеча продолжува секој ден.
„Реакции имаме, бараме, се јавуваме во полиција, шумска, редовна, некогаш ќе ни речат не можиме да дојдиме, немаме возило, немаме ова, немаме она. Ги сечат дрвата и со шпедитерите поминуваат низ селото и никому ништо, никој не презема ништо и заминуваат за Прилеп“, додаде Борис Наумоски, жител на село Ореовец.
„Ние се плашиме дека кога ќе снема дрва за сечење дека ќе се започне со влегување и кражби по објекти, како цркви, викендици, а тука има и доста куќи. Јас разбирам дека и тие имаат одредени ресурси, одреден број на полиција, но со добра координација, нивна и наша јас мислам дека би имале подобар успех“, вели Гоце Бошкоски, жител на село Ореовец.
Се бара повисоки казни и одземање на целата опрема со која се крадат дрвата.
„По нивното легитимирање самите коњи им ги враќаат на дрвокрадците и тие за неколку дена, со истите коњи, повторно организирани доаѓаат и сечат дрва. Практично алатот кој за нив е многу вреден и кој му е најпотребен останува во нивни раце. Е сега зборувам во делот на прекршочните и кривичните санкциии мислам дека се многу мали“, истакна Рубин Талески, жител на село Ореовец.
Жителите повикуваат на организирање итна голема акција од страна на МВР за сузбивање на овој криминал кој се случува пред очите на сите.