Втора седмица од великиот пост – Бог од нас бара и очекува само едно, покајание!

Еднаш, во Капернаум, кога Спасителот проповедал меѓу  народот во еден дом, при Него донесле еден парализиран и го спуштиле на носилка пред Христовите нозе. Откако ја видел верата на неговите другари, Христос му рекол на парализираниот: „Чедо, ти си простуваат твоите гревови“. Некои од книжниците, кои присуствувале на овој несекојдневен настан, почнале да размислуваат: „Зошто богохули Овој, зарем никој нема власт да простува гревови, освен Единиот Бог?“. Како срцевидец, Христос разбрал што размислуваат тие, па рекол: „Што е полесно? Да му кажам на фатениот: ти се простуваат твоите гревови; или да му кажам: стани, земи си ја постелата и оди си? Но, за да знаете дека Синот Човелки има власт да простува гревови на земјава, ете, му говори на фатениот: Стани! Земи си ја постелата и оди си во твојот дом!“

Ние се осмелуваме повторно да Го прашаме Спасителот: „Што е полесно: да се простат гревовите или да се излечи фатениот?“. И за едното, и за другото, потребна е Божјата сила. Само Бог може да простува гревови, зашто гревот е валкање на светоста, величието и Божјата правда. И да се излечи некој, кој е неизлечиво болен, може само Бог со силата на Својата семожност.

Власта да се простуваат гревови Спасителот не ја понесе со Себе на небо, кога се вознесуваше од земјата. Таа власт Он ја остави на земјава, во Својата света Црква. Он им ја дал таа власт на апостолите, а преку нив на архипастирите и пастирите.

Размислувајќи за овој евангелски настан, свети Јован Златоуст говори: „Колку малку ние размислуваме за тоа, колку е милосрден и човекољубив Господ!“. Небесниот Отец му ја дал власта на Својот Син да ги простува човечките гревови, а Божјиот Син, Господ наш Исус Христос, преку Своите служители тоа простување им го дава на сите грешници, кои се кајат, и тоа преку од Него принесената искупителна жртва за гревовите на сите луѓе.

Колку многу е безгранична Божјата милост, и колку многу со своите срца ние сме неблагодарни кон Господа за таа бесконечна милост! Он од нас бара само едно – покајание! Он, како што е кажано во Божјото слово, не сака ниеден од грешниците да загине, туку сите да бидат спасени и вечно да живеат.

Кога човекот го снајдува тешка болест, а особено кога заболува по своја вина, од негрижа за своето здравје, што сè тој презема за да си ја врати претходната состојба? Почнува да се осудува себеси за негрижата, со сета сила на својот дух го доживува сознанието за својата вина, како и за сознанието, каква опасност му се заканува преку болеста. Почнува да го посетува својот лекар, и не само што бара, туку почнува и понизно да се моли да му биде помогнато со сите расположиви средства што ги знае медицината, само да му се врати здравјето и да го продолжи животот. Болниот е подготвен на секакви жртви, само да го поврати своето здравје. И ако човекот толку многу се грижи за своето телесно здравје, кое неизбежно во староста попушта, тогаш, колку повеќе треба да се грижи за здравјето на својата бесмртна душа, која е заболена од гревови и кои се опасна зараза и за телото. Ако животот на нашето тело ни е мил, тогаш бескрајно помил треба да ни биде вечниот живот на нашата душа.

Како може грешникот да го оправда своето одложување на покајанието? Зарем со лажната надеж дека има уште време за живот на земјава? Ама, ете, Господ нам ни ветува прошка на гревовите, а не продолжување на нашиот живот. А колку подолго гревот живее во нашите срца, непокајан и неочистен, толку потешко е за човекот да се раздели од него и да го отфрли од себе. И зарем може грешникот да се надева на механичко помилување, без да доживее чувства на покајание за гревовите? Тоа е залудна надежда! За непокајаните Господ кажал дека: „Ако не се покаете, сите така ќе изгинете“ (Лука 13: 3).

Ете зошто нашата Црква повикува кон покајание, не само во овие дни на пост, туку и кон секое обраќање кон грешниците – и низ проповедите, и во молитвите, и во песнопеењата во текот на целата црковна година.

Кога болниот му се обраќа на лекарот за својата болест, тој треба да ги кажи сите симптоми од својата болест. Пациентот треба да биде отворен и искрен со лекарот, за да може лекарот да му помогне и да го лечи. Такво треба да биде лечењето и на нашата душа во светите минути на покајанието.

Свети Јован Златоуст советува дека секоја наша исповед треба да биде како да е предсмртна, како да е последна. А како се исповеда човекот пред својата смрт? Со целосна скрушеност на духот, со длабока тага за своите гревопаѓања, со гадење кон своите пороци, со горчлива желба тие никогаш да не се повторат, доколку Господ ни го продолжи земниот живот. Ете, со такво чувство секој православен е должен да пристапи кон светото покајание. Ќе настапи време кога сите нашие гревови ќе бидат откриени пред лицето на Божјата правда. И тогаш, какво оправдување ќе бараме? Ако кажаме дека сме немале доволно време за покајание, ќе лажиме, зашто Господ секому од нас му дал доволно години за живот и доволно можности за покајание. Ако кажеме дека сме имале пречки за да се покаеме, пак ќе лажиме, зашто нема таква непремостлива пречка, која може да застане пред нас на патот на покајанието, на патот кој води до Божјиот храм, каде што можеме да ја отвориме и соголиме својата душа, да пролееме искрени солзи на покајание и стоејќи пред светиот иконостас, да погледнеме во вечноста, но и во длабочината на својата скапоцена душа.

Ако ние го одложуваме чинот на покајанието, презакажувајќи го од година во година, пројавуваме крајна неблагодарност во однос кон нашиот Небесен Отец. Зарем давеникот не чувствува вечна благодарност кон оној, кој го спасил од длабоките води? Зарем посинетиот не чувствува вечна благодарност кон  неговите хранители, кои го одгледале и му ја пружиле сета родителска љубов? А Господ Исус Христос пострадал за сите нас, кои секојдневно се давиме во морето на гревови. И сите ние сме Негови синови и ќерки, Негови деца, повикани за наследство на вечниот живот и вечното блаженство. И ако го знаеме ова, како можеме да бидеме рамнодушни и бездушни во односот кон својот Небесен Отец, Кој го очекува нашето спасение?

Господ Исус Христос, за време на Својот земен живот, понесе тежок подвиг, завршувајќи го смрт на крст. Како Бог, Он би можел да бара од нас вонсериски подвизи за искупување на нашите гревови. Но, Он никого од нас не го брка во пустини, па таму до крајот на својот живот да ги оплакува своите грешни дела; никого не го принудува на маченички подвизи во име на спасението на својата душа; никому не му наредува да се откаже од своите богатства, како што тоа го правеле светите бесребреници. Он од нас бара и очекува само едно – покајанието! Според Неговите зборови – Он сака самиот да живее во нас! А Он може да живее само во чисто срце, ослобедено од грев. И Он живее во секое срце, кое Го бара него и кое е измиено преку покајанието од секоја гревовна дамка.

Да не забораваме дека времетраењето на покајанието не треба да ни биде ограничено. Тоа треба да трае онолку, колку што живееме на земјава, и не само во дните на пост, туку секој ден во годината. Иако често ветуваме дека повеќе нема да грешиме, сепак, според нешата немоќ, повторно паѓаме, но повторно и повторно треба да стануваме. И никој да не бара лажна надеж во тоа дека, не е толку стар како другите, и дека за него има време за покајание и исправање на својот живот. Да не забораваме дека смртта доаѓа како крадец, среде ноќ…

Свети Јован Златоуст, расудувајќи за покајанието, уште еднаш ни говори: „Доколку ти искрено посакуваш исправање на својот живот, просиш од бога помош за себе и сфаќаш дека долго време си имал гревовен живот, но смртта те спречува во добрите намери и желби, тогаш Господ и твоите добри намери и желби ќе ги прими со љубов и ќе те поштеди. Но, ако ти си негрижлив за својата душа, не размислуваш за спасението и за очистувањето од гревот, а смртта те зема во своите прегратки, тогаш, како Господ може да те нарече Свое верно чедо, кому му ја ветил вечната радост при Себе?“.

Во овие великопосни дни, искрено и молитвено посакувам, Светиот Дух да ја поттикне во нас ревноста за спасението, та да ни помогне на сите останатото време од нашиот живот да го поминеме во мир и покајание, а великиот празник, кој ни претстои, денот на Христовото Воскресение, да го пречекаме со очистени и воскреснати срца, ослободени од секој грев и нечистотија. Амин.

Автор: протоереј Златко Ангелески

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи