Текстилните работнички со нарушено здравје – една третина имаат потврдена дијагноза

Истражувањето спроведено од страна на македонското Здружение за заштита на работниците при работа покажало дека здравјето на текстилните работнички е значително нарушено.

Седењето 8 часа пред машина или пак стоењето во место, прашина и хемиски супстанци од текстилниот материјал е секојдневието на работничките од текстилната индустрија што доведува до зголемување на професионалните заболувања.

Анализата покажува дека една третина од текстилните работници веќе имаат потврдена медицинска дијагноза или состојба, но и останатите се во ризик. Најмногу им страда видот, не само поради возраста туку и природата на работата.

„Кај секој вработен во текстилната индустрија се регистрираат дури три различни оштетувања и промени во здравствената состојба. Резултатите ни покажаа дека најмногу проблеми имаат со видот, потоа доаѓа зголемениот крвен притисок, анемиите и кардиоваскуларните заболувања“, вели Елисавета Стикова, универзитетски професор на Медицинскиот факултет во Скопје, која е дел од тимот што ја изработи анализата „Безбедност и здравје при работа во македонската текстилна индустрија“.

Според претседателот на Македонското здружение за здравје при работа Милан Петковски, текстилната индустрија во вакви услови може да издржи уште десетина години. Според Петковски, не само што се влошува здравјето на работниците, туку им се газат и основните работничките права, како правото за безбедни работни места.

Студијата „Безбедност и здравје при работа во македонската текстилна индустрија“ ја направи „Гласен текстилец“ преку анкета на текстилните работнички, а предмет на истражување беа 6.000 резултати од систематски прегледи на текстилни работници.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи