ВИДЕО – Земјоделците го блокираа Плетвар незадоволните од државните политики, бараат итни мерки


Денес со двочасовна блокада на патот Прилеп – Градско, се собраа земјоделците да одржат предупредувачки протестен митинг од незадоволството од ситуацијата која што им се случува во моментот во државата. Според Игор Мирчески, земјоделците како категорија се соочуваат со огромни проблеми, трошоците кои што им следуваат во моментов со почнување на новата сезона за производство се зголемени во огромен процент и не се во можност да ја започнат сезоната.

„Нашите барања, во име на сите земјоделски здруженија од сите земјоделски гранки кои што ги упативме до институциите на државата, односно до Владата и Министерството за земјоделство не наидоа на слух, па од тука го презедовме овој чекор да ги анимираме повторно и да им кажеме дека земјоделците имаат проблем и дека овој проблем мора да се реши веднаш, во интерес и на државата, но и во интерес на сите граѓани, на производителите и на корисниците на нашите производи.

Трошоците се толку зголемени што голем дел од нас ќе го редуцираат производството, а голем дел и ќе го прекинат производството, односно не сме во состојба да произведуваме храна која што ќе ја работиме со загуби.

Сакам да апелирам уште еднаш до Министерството и Владата да го слушнат овој глас, да не поддржат едноставно и да ги пушти во оптек сите расположливи средства, капацитети и ресурси кои и стојат на располагање се со цел да земјоделците произведат што поевтина храна во текот на оваа сезона. Верувајте, ако не го стори тоа државата ние ќе се соочиме покрај енергетска, финансиска, економска криза и со прехрамбена криза која ќе резултира со немање доволно количество на храна, а ако ја има таа ќе биде од увозен карактер. А најпогодени ќе бидат оние категории на приматели на плати кои земаат минималец или просечна плата. Затоа апелираме да не се случи тоа, сега е моментот за поддршка на земјоделците.

Секое одобрување на земјоделците е во добра насока, ние ја поздравуваме таа мерка, но да се пушти субвенција во ден пред закажан протест најблаго речено не е коректно од страна на Владата. Со тоа голем број земјоделци се спречија да дојдат на овој протест. Исто така сакам да кажам дека огромен број од нас организаторите во моментот се соочуваат со огромен притисок и со најдување начин да се откажат голем број на луѓе кои сакаат да бидат учесници на овој протест.

Во овој момент сакам да ги прочитам и барањата со кои настапивме пред институциите, а кои се во интерес и на државата и на земјоделците:

  • Мерката зелена нафта да важи за сите земјоделски гранки и да биде 100% ослободена од акциза и ДДВ, како и промена на досегашната методологија со нова со која исплатата ќе биде по литар на единица површина, а исплатата да почне веднаш
  • Процентуално зголемување на субвенциите во сите гранки. Со процентуално зголемување на трошоците за живот, процентуално зголемување на минималната плата и нивна исплата пред почетокот на секоја производна сезона
  • Субвенционирање на вештачките ѓубрива во сите земјоделски гранки, укинување на ДДВ за сите вештачки ѓубрива и хемиски препарати кои се користат во земјоделието
  • Субвенционирање на придонесите на сите регистрирани земјоделци во државата
  • Ослободување од концесии на државно земјиште за пашарина, наводнување и одводнување за оваа тековна 2022 година
  • Изготвување анализа за производна цена на секој земјоделски производ како и гаранција на државата за минимална заработка на производителите од најмалку 30% од производната цена на производите, како и гарантирање на исплата од страна на трговците
  • Покрај традиционалните пазари, државата треба итно да најде алтернативни пазари, затоа што во моментот ни излегува производство за кое мора да се најде пазар, а со ситуацијата во која се наоѓаме како држава и со воениот конфликт во Украина, каде нашето производство се пласираше на овој пазар, верувајте земјоделците кои имаат производено роба ќе нема каде да ја пласираат.

Субвенциите моментално се насочени кон производителите на жито. Субвенции треба за сите категории на земјоделци, вклучувајќи тука тутунари, сточари, градинари, односно на целото земјоделство. Тие се мерки закаснати и не се доволни, треба сериозна поддршка на земјоделците. Верувајте, ако сега ние не влезиме во производство на храна, ние едноставно нема да можеме да се прехранеме како нација, а последиците ќе ги чувствуваме сите“, истакна Игор Мирчески, координатор на новоформираните тутунарски здруженија.

Земјоделците велат дека државата нема никаква стратегија за развој на земјоделието и дека тоа набрзо ќе ги сетат граѓаните на Македонија, бидејќи нема да бидеме во можност да си ја прехранеме нацијата

„Исто и ние сме крајно незадоволни, исто и ние сме во една очајна состојба како што е целиот аграр во Република Македонија. Направивме обид да ги мапираме проблемите, понудивме решенија до надлежното ресорно министерство, но за жал тие се глуви за таквите барања. Ние бараме едноставно да бидеме ислушани, да седнеме да разговараме и да најдеме заеднички решенија, одржливи решенија и да направиме стратегии, а не да се темели нашиот опстанок на субвенции. Тоа е абсурд, во државата мора да постои стратегија за развој, да знае во кој правец ќе се движиме, што ќе произведуваме, колку и за кого. Ние моментално работиме стихијно, секој по свое видување и дојдени сме до клиничка смрт на земјоделието. Ние нема да бидеме во можност да произведуваме храна, да си ја прехранеме нацијата, имаме огромни површини кои се необработени и тоа секојдневно се зголемува, младата популација се иселува и граѓаните многу брзо тоа ќе го почувствуваат на сопствен грб. Храната ќе биде страшно скапа, ќе јадеме храна од сомнителен квалитет, ќе имаме страшни проблеми. Ние апелираме, но мора да се најде конкретно решение од надлежните институции, па и од граѓаните. Ситуацијата е крано алармантна и мора сериозно да се пристапи кон решавање, најитно.

Министерството за земјоделие на чело со министерот Николовски имаше работна средба во Радовиш на тема тутунопроизводство и откупните цени. За жал таму не наидовме на разбирање, сакавме да си ги искажеме своите ставови, не бевме ислушани, трибината имаше свој тек, свое сценарио, едноставно беа присутни сите менаџери на откупните фирми и на прашање од страна на Министерството да ги соопштат откупните цени, тие се оглушија. Три повика имаше, трите повика не кажаа ни збор. Значи и од нивна страна има апсолутен молк и игнорирање.

Министерот и сите институции во Македонија треба да сватат дека со функцијата треба да имаат стратегија за земјоделието, во функција на земјоделците и во функција на народот. Тие се народни избраници и треба да работат во интересот на народот, а не народот да биде во функција на политичарите и тоа е колапсот кај нас“, посочи Ѓорѓи Каракашев од општина Радовиш.

Незадоволните земјоделци очајно бараат средба со надлежните институции. Како што истакнуваат лозарите, околу 50% од нивиот производ се пласирал на пазарот во Украина и Русија, а со моменталната ситуација таму не знаат како да продолжат.

„Ние баравме да имаме средба со министерот затоа што средба се врши во Министерството за земјоделие, не се врши тука на улицата. Зошто овие луѓе сега тука да чекаат, да ги малтретираме, и ние самите се малтретираме. Во Министерство кога ќе се сретнеме ќе разговараме, еден ден едно здружение, еден ден друго здружение и така ќе се реши проблемот. А сега тие се кријат, некни во Кавадарци дошол Димковски, се скриле таму во некоја канцеларија наместо да излезат на телевизија и да кажат што е проблемот, каков е проблемот, како да се реши, бидејќи ако го кажат после треба да го решат и затоа се кријат. Сакаме отворена средба во Министерството, сега не малтретираат и нас и луѓето што чекаат, ние бараме средба во Министерството за земјоделие или во Владата, здружение по здружение, и така ќе се решат нештата. Ние од 2021 немаме средба со министерот, лозјата веќе почнавме да ги кроиме. Имавме 10 барања, ние произведуваме грозје а не знаеме на кого ќе го продадеме. Ние со винариите за Св. Трифун требаше да склучиме обврзувачки договори за двете страни, по која цена, која количина и кога ќе се исплати.

Ние сега работиме и не знаеме за што работиме, влегуваме во трошкови, а не знаеме кој ќе го откупи грозјето и кој нема. Нашето грозје 50% оди во Украина и Русија, виното црно оди во Русија и Украина, а сега никој ништо. Ниту винариите излегуваат да кажат дека не склучуваме договор оваа година, ниту пак Владата излегува да има средба. Сите винарии да бидат во Министерство за земјоделие и да се договориме што ќе се случува“, рече Даниел Јошев од регионално здружение Тиквешки лозари и овоштари од Кавадарци.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи