Министерството за надворешни работи прогласи за непожелни 5 дипломати од Руската амбасада во Скопје. Денес во просториите на Министерството за надворешни работи беше повикан Амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин, кому му беше врачена дипломатска нота.
Според македонското МНР, дипломатите извршувале активности спротивни на Виенската конвенција, поради што се прогласени за персона нон грата. Истите ќе треба да ја напуштат Македонија во наредните 5 дена.
Минатата година Македонија исто така прогласи двајца руски дипломати за персона нон грата и ги протера од земјата.
Откако Македонија се приклучи на санкциите кон Русија поради агресијата во Украина, официјална Москва ја стави земјава на списокот на „непријателски држави“.