Да направиме сѐ за да ја задушиме волјата за гнев, болест погубна за душата-„Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!“


„О, роде неверен, до кога ќе бидам со Вас? До кога ќе ве трпам?“ (Марко 9: 19)

Спасителот Господ Исус Христос е олицетворение на божествената добрина и благост и никој не манифестирал толку многу љубов кон луѓето, како што тоа го направил Он. Сепак, имало моменти, кога Неговата човечка природа манифестирала и одредена доза на избувливост и нетрпеливост. Кога луѓето не сакале да Го разберат и кога не сакале да Го примат ни Него, ни Неговата света наука, тогаш Неговата душа се исполнувала со горчина кон нив и нивната тврдоглавост.

Така, еднаш, кога видел како е обесветуван ерусалимскиот храм, Он силно се разгневил и со бич ги истерал трговците и прематарите; кога во една сабота, пак, во синагогата го излечил болниот со сува рака, па заради тоа бил осуден од фарисеите, Он „ги изгледа со гнев“ (Марко 3: 5), а во денешниот евангелски настан, кога ја видел слабата вера кој луѓето, кои барале помош од Него, Он вака повикал: „О, роде неверен, до кога ќе бидам со Вас? До кога ќе ве трпам?“ (Марко 9: 19).

Овој Божји гнев суштински се разликува од оној, кој ние луѓето често го искажуваме. Тоа, всушност, и не е човечки гнев, туку огорчување заради човечката слабост и нивното неразбирање за Христа и Неговата света наука.

За гнев, кој ги кине срцето и душата Он не знаел. Таков гнев е својствен само за нас, луѓето, зашто ние и за најмала ситница знаеме до бескрај да се налутиме. Сеедно, кој вид на чувство нас нѐ опфаќа, било да е радост или жалост, страв или гнев, љубов или омраза, ние секогаш трепериме од главата до петиците.

Гневот е една наша голема слабост, а кај многумина дури и „безумна страст, која честопати посакува да ја направи душата да биде дива“ (Свети Нил Синајски) и сурова. Но, да не се умее да се владее со себе си и со своите чувства, нималку не е достојно за една таква возвишена Божја творба, како што е човекот, ниту е убаво еден христијанин да ѝ робува на една таква одвратна страст.

Бог на човекот му ги подарил потребните духовни сили, со чија помош може да ја совлада својата зла природа. Човекот има разум и слободна волја и со нивна помош може да ги заузда своите чувства и своите нагони. Затоа, негова должност е да владее со себе, зашто инаку ќе биде сличен на брод без кормилар, кој ветерот на страста ќе го носи не каде што треба, туку каде што сака.

Разгневениот човек, под влијание на првите реакции, може да направи нешто, кое подоцна не може да се поправи, па затоа премудриот Соломон рекол: „Гневлив човек подига бунтови, а избувливиот многу греши“ (Изрек. 29: 22). Затоа, наша должност е добро да се чуваме од овој порок и да направиме сѐ што можеме, за повеќе да не се гневиме. Но, ќе се запрашаме: како можеме да го достигнеме тоа?

На ова прашање постои само еден одговор: тоа ќе го постигнеме со постојано и упорно самодисциплинирање.

Древните христијански монаси имале обичај да го раскажуваат овој настан: Во свое време, во Египет живее еден човек кој страдал од лесно избувлив и жесток темперамент. Сакајќи да се ослободи од таквиот нагон, тој побарал прибежиште во некој манастир, но и тука, од своите собраќа, често бил раздразнуван, исто како кога чивеел во светот. Тогаш го напуштил и ова друштво, па се повлекол во најголема самотија. Тука немал ништо свое, освен еден земјен сад, со кој носел вода од блискиот извор. Еден ден, носејќи го садот, трипати се сопнал и трипати ја истурал водата. Тогаш, деднаш го зафатила старата страст и стариот бес, па го треснал садот од земјата и го искршил на најситни парчиња. Откако видел што направил, се созал и болно извикал: „Колку ли луд човек сум јас? Како ќе се ослободам од искушението, кое доаѓа од мене? Кога нема луѓе околу мене, на кои би се гневел, мене ме фати бес заради еден беден сад за вода!“.

Оној, кој е вистински христијанин, лесно ќе одговои на ова негово прашање, сеќавајќи се на советот на светиот апостол Јаков, кој говори: „Човекот нека биде… бавен на гнев“ (Јак. 1: 20). Човекот треба да има целосна внимателност во своето однесување со сѐ и сешто, а особено со луѓето. Има усти кои многу говорат, а толку малку мислат, па не избираат зборови, кои им ги упатуваат на другите. Тие забораваат дека зборовите, како и стрелите, не се враќаат, па затоа треба да внимаваат, пред да ги изговорат, да не се остри и отровни.

Потребно е добро да внимаваме на своите зборови, зашто тие не се со кус век, како што е звукот, кој ги изговорил. Зборовите живеат со години, па како рак-рана болат, печат и го трујат животот. Апостол Павле говори: „Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинет со сол…“ (Кол. 4: 6). Меѓутоа, има луќе кои, кога говорат, како со меч да прободуваат, а тоа никој не го сака, ни Бог, ни луѓето. Затоа треба да се внимава на својот говор, зашто, „празнословецот ранува како меч, а јазикот на мудрите исцелува“ (Изрек. 12: 18).

Пред гневот не треба да се попушта дури ни тогаш, кога ближните ќе ни нанесат било каква навреда. За безумните зборови треба да имаме глуви уши, а за неумесните дела – слепи очи, за да не ги гледаме. Најдобро е да ја затвориме вратата пред демонот на гневот, па сѐ додека пулсот забрзано ни отчукува и додека чувствуваме возбуда, да ја тргнеме работата настрана.

Навистина, таа ќе ни изгледа многу поинаква, кога ќе се смириме и сосредоточиме. Кога сме лути, страста заповеда и говори, а не ние. Преку страста, грешките ни изгледаат поголеми, како предмет низ магла. Во таква состојба, подобро е ништо да не говориме, зашто еден премолчен збор вреди повеќе, отколку илјада изговорени. Подобро е нанесената навреда сосема да ја заборавиме, зашто луѓето на ништо не се радуваат толку многу, отколку кога на злото им се враќа со добро, па за оној, кој така постапува, нема да има поголема радост.

Вистинските христијани не посегнуваат веднаш по мечот, туку на срцето му даваат време да се смири, а на Бога да го изрече Својот суд. Злото со зло не се лечи и само површните луѓе и страшливците се предаваат на гневот, зашто длабоката река нема да се замати, ако во неа фрлиме камен. Истото се случува и со човекот: ако тој се лути заради навредите, тогаш не е река, туку обична бара. Постојаната зловолност е сенка на карактерот, па затоа премудриот Соломон рекол: „Кој владее со себе си, подобар е и од завојувачот на градови“ (Изрек. 16: 32).

Затоа, да направиме сѐ за да ја задушиме својата волја за гнев и да бидеме со добра и кротка природа, зашто Синот Божји ни говори: „Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!“ (Матеј 5: 5). Да бидеме луѓе со добар карактер, зашто тоа својство е големо богатство и знак на крепко здравје, додека гневот е знак на духовна слабост, духовна болест, за што премудриот Соломон рекол: „Не станувај со духот свој брз на гнев, зашто гневот почива во пазувите на безумните“ (Проп. 7: 9).

Да имаме добар карактер, зашто насмевката на добрината ни донесува повеќе приврзаници, отколку молњата на гневот. Во личноста на Божјиот Син ние имаме ненадминат пример на кротост и наша христијанска должност е да се огледаме на Него. Впрочем, историјата ни сведочи дека и луѓето од многубоштвото, кои живееле пред Христа, покажувале прекрасни примери на воздржливост. Кога познатиот грчки мудрец Сократ бил нападнат од неговата избувлива жена Ксантипа, тој само молчел и ги слушал нејзините навреди, па мирно излегол на улица и седнал на клупата пред куќата. А кога таа, разбеснета, зашто тој ништо не ѝ возвратил, му истурила врз главата полно тенџере со помија, Сократ ни тогаш не се разгневил, туку мирно рекол: „Ете, после грмежите, дојде и дождот!“.

Овој пример на прекрасно самосовладување ни покажува дека добриот карактер навистина е најубав украс на човекот. Ние треба да ја слушаме својата совест, а не гневот, зашто, навистина е храбар оној, кој мудро го поднесува и најнавредливиот збор. Храброста сѐ трпи и никогаш не се осветува. Наша христијанска должност е „да ги отсечеме крилата на гневот, за да не се издигне во висините. Гневот е лоша болест, која може да ги погуби нашите души.

Тој е страшен оган кој сѐ проголтува“ (Свети Јован Златоуст). Затоа, да се учиме да не се гневиме, а најмалку на луѓето, ниту во нас да има желба да им направиме било какво зло, зашто славата не се состои во уривањето на нашиот непријател, туку во задушувањето на својот бес и гнев.

Да се потрудиме своите ближни да ги запознаеме што подобро, па така за нив ќе имаме многу поточно размислување. А кога подобро ќе ги запознаеме, ќе сфатиме дека и тие се слични на нас, па според тоа, и тие можат лесно да се навредат, па затоа секому му треба љубов, зашто единствена причина зошто постоиме на овој свет е да љубиме и да бидеме љубени.

Во овој наш подвиг, Господ Исус Христос нека ни биде пример на смиреност и добрина, како и неговиот славен апостол Павле, кој ни говори: „Секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат

подалеку од вас заедно со секоја друга злоба“ (Ефес. 4: 31). Амин!

Колумна на протоереј Златко Ангелески

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи