Се подготвува „Дупло дно“ во прилепскиот театар

Во театарот „Војдан Чернодрински“ се подготвува претставата „Дупло дно“ по текст од Горан Стефановски во режија на Наташа Поплавска.

Режисерот Наташа Поплавска по втор пат на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“ поставува текст од македонскиот драмски автор Горан Стефановски – „Дупло дно“. Подготовките течат непречено.

Наташа Поплавска вели дека делата на Горан Стефановски за неа секогаш се  предизвик.

„За мене  Стефановски  се уште е „жив“ и секогаш ќе биде, заради неговите дела кои се секогаш актуелни Природно беше со прилепскиот ансамбл да имаме повторна средба со Стефановски и тоа овој пат со “Дупло дно. „Дупло дно“ е напишана 1983 година, а зборува за уметникот и неговата борба за слобода на духот наспроти тоталитаризмот. Горан е еден од ретките уметници кој остана доследен на себе и остана да биде само и единствено уметник. Колку дна има дното е моето прашање на кој ќе бараме одговор заедно со актерите на прилепскиот театар. Иднината за која пишува Горан за нас е сегашност, а кој знае која е иднината? Што е драма, а што е стварност? Претставата започнува во скривница и по катаклизама и Стeфеановски ни посочува  дека  „Ништо не  како порано. Координатите се изместија. Нема уметност. Нема култура. Нема блефови.” Ние денес поминуваме низ пандемија, некоја нова нормалност со која се изместија координатите, а сега имаме и војна, некои политички аналитичари велат на прагот сме на Трета светска војна. “Дупло дно” се занимава со прашањето: Како да се биде уметник во овие матни времња? Дуплото дно Стефановски го отвора се подлабоко и ни дава неколку одговори на тоа што е Дупло дно. Овој пат работиме со помала актерска екипа: Игор Трче, Димитар Ѓеоргиевски. Даниела Иваноска, Зоран Иваноски и Катерина Чакмакоска. Драматург е Ивана Нелковска, музиката  му ја доверив на еден од ретките и врвни македонски уметници, Ристо Вртев кој исто како и Стефановски остана доследен на себеси да биде само уметник во овие матни времиња. Затоа во претставата покрај актерите ќе имаме и музичари на сцената. Оваа претстава ќе биде мој можен одговор на прашањата  кои  Горан ги задава. Имам комплетна визија за претставата и во таа смисла ќе оставам печат и преку дизајнот на сцена, костимите и сценските движења“, вели Поплавска, потенцирајќи дека и е задоволство да соработува со прилепскиот  театар.

Премиерата ќе биде во средината на мај. Претставата е поддржана финансиски од Министерството за култура.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи