113 години од раѓањето на Круме Кепески, автор на првата Македонска граматика


На 8 април во 1909 година во Прилеп е роден Круме Кепески, македонски педагог, лингвист, преведувач, собирач на македонски народни умотворби, граматичар. Деец во стандардизацијата на македонскиот литературен јазик и особено во развојот на граматичарското дело. Тој е автор на првата Македонска граматика, објавена во 1946 година. Низа генерации ги сознаваа и дознаваа првите сознанија за јазикот преку граматиките и поуките за јазикот што ги составил професорот.

„По ослободувањето, како што се знае, се отворија голем број училишта по градовите и селата. Во нив предаваа тогашни интелектуалци со завршена или незавршена гимназија и оние учители што работеа и во време на бивша Југославија. Сé на сé околу триста души. Таа ситуација налагаше што побргу да се даде учебник од кој ќе учат како учениците така и учителите, бидејќи голем број учители немаа познавања од литературниот јазик и предаваа на својот локален говор. Замисла да се зафатам со пишување на Граматиката кај мене се појави уште порано, уште за бивша Југославија, кога бев студент на Филозофскиот факултет во Белград, на групата за словенска филологија. Тогаш често со другите студенти од Македонија, Крум Тошев, Венјамин Сапунџија и други, дискутиравме, во случај Македонија да биде слободна, како би го создале македонскиот литературен јазик. Морам да кажам дека слободата беше уште многу далеку.

Ова се случуваше во почетокот на триесеттите години, време на големата економска криза. Зборуваме и за тоа кои наречја би биле главни. Некои од нас предлагаа за основа да биде штипскиот говор, други охридскиот, Крум Тошев и јас бевме на мислење дека најдобро ќе биде, ако се земат за основа централните говори – Прилеп – Велес – Битола, со образложение дека тоа подрачје има најмалку влијание како од бугарскиот така и од српскиот јазик. Подоцна, фактички тоа и се случи. Сакам да кажам уште нешто.Нашето мислење не се засновуваше врз основа на некое подруго поранешно сознание. Ние воопшто не знаевме дека Крсте Мисирков го ставил на книга далеку порано.

Со ослободувањето на земјата се создадоа услови за работа и на полето на изучувањето на јазикот. На идеја да правам граматика дојдов сам, не беше тоа некоја директива, како што имаше за други работи. Работев на некој начин тајно. Единствени што знаеја дека пишувам граматика беа Љубен Лапе, тогашен повереник за просвета и Крум Тошев, инаку и двајцата мои пријатели уште од студентските денови. Пред себе имав уште една голема поддршка. Решението на АСНОМ, по кое „се заведуе македонскиот јазик како службен во македонската држава“.

Почнав во месец февруари 1945 година, па се сретнав со големи тешкотии, зашто тогаш не беше подготвен Правописот, а се дискутираше и за азбуката. Значи, јас почнав да ја пишувам Граматиката и пред да се обнароди Правописот и пред да се прокламира азбуката. Азбуката беше прокламирана на 5 мај 1945 година, а Правописот се обнароди еден месец подоцна – на 7 јуни. Со тоа, мојата работа беше олеснета. Од првиот правопис ги видов нормите на нашиот литературен јазик, а ги внесов и термините во мојата Граматика. Меѓутоа, требаше темелно да се проучат нашите форми, да се проучи акцентот, да се проучи употребата и значењето на членот, глаголските времиња и особеностите на глаголите и уште некои не малку значајни работи. Тешкотијата беше во тоа што немав од каде да видам како ќе го сторам тоа; тие нешта беа сосема нови за нашиот јазик. Сепак, во неа доста ми помогна моето познавање на старословенскиот јазик, а и некои изучувања што ги имав вршено за прилепскиот и за битолскиот говор. Конечно тоа беше јазикот на Кирил и Методиј, на Климент и Наум, јазик што јас го познавав.

На Граматиката работев дома, во Прилеп, до крајот на август. Многу време за пишување немав, зашто целта ми беше што побрзо да им се даде „Македонската граматика“ на училиштата. Во тоа време, по друга работа во Прилеп дојде Љубен Лапе и ми вели: „Ајде побрзај, уште ли ќе чекаме. Треба да се учи народот“. Навистина побрзав. За два-три дена бев готов со пишувањето. Печатењето траеше од ноември 1945 до јануари 1946 година. На 24 јануари се појави првата македонска Граматика. Страници: 80. Изглед: сивомаслинести корици. Издавач: ДКМ (Државно книгоиздателство на Македонија). Граматиката беше одобрена од Министерството за просвета како учебник за основни и средни училишта, а послужи и за администрацијата и за народот, за секој што сакаше да го учи јазикот. Граматиката имаше голем одек како кај нас, така и во братските републики во Југославија, (тогашна ФНРЈ, н.з.) а не остана незабележана и во светот. За две-три години се појавија неколку рецензии, кои го означија појавувањето на мојата граматика како историски чин.Првото издание беше на брзина распродадено, потоа дојде второто.

Јас Граматиката не ја видов на денот кога излезе од печат. До мене дојде подоцна. Во гимназијата во Прилеп, каде што бев професор, еден ден дојдоа неколку пакети. Ги оставија кај директорот Методија Соколоски-Мечето. Ме викна, ги видов граматиките. Таа радост не се опишува. Можам да речам дека не се радував само јас, туку многу луѓе во Македонија“, истакнува Кепески.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи