Нашата молитва не смее да биде поинаква од Господовата: „Нека биде Божјата волја, како на небото, така и на земјата“


„Пристапија кон Него Зеведеевите синови, Јаков и Јован, и рекоа: Учителе, сакаме да ни направиш она, што ќе побараме. Он ги праша: Што сакате да ви направам? А тие Му одговорија: Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја. Но Он им рече: Не знаете што барате…“ (Марко 10: 35-38)

Бог, како добар и милостив небесен Отец, секогаш е во состојба да ја слушне молитвата на своите добри деца. Но, ако некогаш Бог одбие тоа да го направи, причината треба да ја објаснуваме со фактот дека нашите молитви честопати се самољубиви, егоистични и неразумни. Дека нашите молитви знаат да бидат и такви, ни сведочат двајцата апостоли, браќата Јаков и Јован, кога побарале од Спасителот Христос да седнат до Него, едниот од десно, а другиот од лево, во славата Негова, на што Богочовекот им одговорил: „Не знаете што барате…!“.

И денес многумина од нас не знаат што бараат од Христа Бога. Зошто е тоа така? Едноставно, затоа што немаме корен на здрава молитва и затоа што нашата молитва не излегува од нашето срце, туку од потребите на нашиот стомак. Што е корен на здравата молитва? Коренот на молитвата е човечкото тежнеење за Бога, човечката насоченост кон вечното и неминливото.

Светителите во Православната Црква, кои биле вистински молитвеници, говорат дека усната молитва, онаа која ја читаме и пееме, се уште не е вистинска молитва. Таа молитва се ште е само надворешна молитва. Усното молење и размислувањето за Бога, не е исто со реалноста на животот и живеењето во Бога, туку е само подготовка за вистинското живеење. Како што цветот и листот се подготовка за појавувањето на плодот на едно дрво, така и усната молитва е подготовка за вистинската молитва, која знае што бара од Бога.

Не зависи од Бога, туку од нас самите, дали нашата молитва ќе биде исполнета. За нашата молитва да биде силна и да може да се надева во Божјата сила, потребно е да се исполнуваат два главни услови: прво, молитвата да излегува од срце кое искрено се кае и кое смирено верува во Божјата семоќност, и второ, да не се спротивставува на Божјата добрина и правда, како и на доброто на нашите ближни.

Смиреното и скрушено срце Бог никогаш нема да го остави само. Но, многумина од нас, кои се именуваат православни христијани, се молат без искрено покајание, исполнети со гордост и себељубие. Многумина само за себе бараат корист и првенство, слично како и неразумното барање на Јаков и Јован.

За ближните околу себе не сакаат ни да размислуваат, а камоли да размислуваат за нивната благосостојба, или, пак, несреќа. Многумина од нас можеби и секојдневно се молат на Бога, но своите пороци упорно не ги напуштаат. Затоа таквата молитва е неразумна и неплодна. Затоа таквата молитва никогаш не може да биде услишена.

На таквите Бог не им вели само: „Не знаете што барате“, туку уште ги потсетува и на зборовите кои Бог му ги рекол на псалмопејачот Давид: „Зошто ги кажуваш Моите наредби и со уста го примаш Мојот завет? А самиот ја мразиш поуката Моја и зад грб ги фрлаш зборовите Мои? Кога ќе видеше крадец, се зближуваше со него и со прељубници се дружеше; устата твоја е полна со злоба, и јазикот твој лукавство плете; седиш и го клеветиш братот свој, и против синот на својата мајка се соблазнуваш. Ти го изврши тоа, а Јас молчев; ти си помисли дека Јас сум, каков што си ти. Ќе те изобличам и ќе ти ги изнесам пред лицето твое гревовите твои. Разберете го ова вие, кои го заборавате Бога, за да не ве грабне, па тогаш ќе нема избавител“ (Псал. 49: 16-22).

Овие зборови, иако кажани пред неколку илјади години, се однесуваат до сите нас. Тие се актуелни и денес, зашто човечкото срце и по толку многу години останало закоравено во својата грешност и злобност. Затоа Бог не ги слуша нашите молитви и затоа Бог ни вели дека не знаеме што бараме. Но, освен тоа што некои луѓе се молат на Бога без смиреност и покајание за своите гревови, некои луѓе се молат и за нешта кои противречат на Божјата добрина, за нешта кои се штетни и за нив самите, но и за нивните ближни.

Се разбира, милостивиот Бог нема да ја исполни таквата неразумна молитва, само заради доброто кое му го посакува на оној кој се моли. Токму затоа во Светото Писмо е речено: „Просите, а не добивате, оти зло барате, за да го трошите во вашите похоти“ (Јаков 4: 3).

Други од нас, пак, се обраќаат со молитва кон Бога, но својата надеж повеќе ја полагаат на своето богатство, или, пак, на своите пријателства со моќниците од овој свет. Кога се во храмот на молитва, тие се расеани, мислат на други нешта кои се непотребни, ги озборуваат оние кои се во храмот и кројат разни интриги и сплетки за своите ближни. Тие ниту со внимание ја следат општата молитва, ниту, пак, имаат своја одредена молитва. Можеби нивниот јазик изговара некои зборови и увото им слуша некои изрази, но нивниот ум и срце талкаат некаде напразно и бесцелно. За таквите Господ вели: „Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме почитува, а срцето негово стои далеку од Мене“.

Неразумна е нашата молитва кога се молиме на Бога да им се одмазди на нашите непријатели, да ги уништи оние кои ни мислат зло, да ги понизи нашите соперници, да ги казни оние, кои нè навредиле… Божјиот збор ги поучува верните да се молат на Бога не да се одмаздува, туку да им прости на сите кои нам ни наштетиле.

Потенцирано ни е како да се молиме: Да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата. Тоа значи дека е неразумно да се бара сè да се извршува според нашата волја и желба, според нашите егоистични пресметки и планови. Тоа е навредливо за Бога. Во таков случај Бог не само што би нè укорил за нашето неразумно молење, туку за таа дрскост би ни рекол: „Бегајте од Мене, не ве познавам“!

Нашите молитви треба да бидат исплетени од благотворни гранчиња на длабока вера и длабока смиреност со покајание. Само тие можат да ѝ дадат сила да го развие цветот и да донесе плод. Ако тие елементи ги нема, тогаш молитвата е неплодна. Тоа е одговорот на прашањето: зошто нашите молитви честопати остануваат неслушнати. Кога се молиме на Бога, треба да знаеме што е тоа што го бараме.

Вистинскиот православен христијанин задолжително треба да знае дека неговата молитва не смее да биде поинаква од Господовата молитва: „Нека биде Божјата волја, како на небото, така и на земјата“, за Бог да ни ги даде во изобилство нашите насушни потреби за да имаме тивок и безбеден живот, а пред сè, да ни ги прости нашите гревови, како и ние што им ги простуваме на сите оние, кои нам ни згрешиле.

Нашата вера и нашата надеж во Бога, како и покајанието и смирението неизоставно ќе ја направат нашата молитва да биде плодоносна. Но, да запаметиме дека сето тоа треба да биде достојно за Бога и во подеднаква мера корисно како за нас, така и за нашите ближни. Инаку, нашата молитва ќе остане бесплодна. Нека Господ Бог ни даде сили да бидеме истрајни и постојани во молитвите, за тие да донесат вистински и корисен плод. Амин!

Колумна на протоереј Златко Ангелески

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи