ВИДЕО- Думбалоски: И покрај притисоците штрајкот е успешен и ќе продолжи, мал дел од наставниците примаат деца


Златко Думбалоски, претседател на Регионалниот одбор на СОНК Прилеп денеска во интервју за Инфо Компас истакна дека е задоволен од тоа како се одвивал штрајкот во Прилеп и дека и покрај големите притисоци што го имале наставниците тој бил успешен. Само мал број наставници примале денеска ученици. Се штрајкувало во сите општини кои ги покрива овој регионален одбор на СОНК и тоа во Прилеп, Крушево, Кривогаштани и Долнени. Штрајкот ќе траел се додека Владата не излегла со прифатлива понуда до СОНК. Се уште не знае како ќе се надополнат овие изгубени денови за учениците.

Како се одвива штрајкот на СОНК во Прилеп?

Регионалниот одбор на СОНК кој ги опфаќа Општините на Прилеп, Крушево, Кривогаштани и Долнени е задоволен од одзивот на наставниците кои штрајкуваат, 100% секаде се штрајкува. Имаме училишта и градинки каде што има притисок. Знаеме дека во градинките имаше голем притисок за да се работи. Имало дел од градинките каде што нема прифатено ниту едно дете, а има градинки каде има дел прифатено деца, во интерес излегле востипувачките и негувателките кои се на договор. Можам да напоменам дека и тие може да стапат во солидарен штрајк и дека и тие ќе ги имаат истите заштити како што ги имаат и членовите на СОНК. Во одредени училиштата има од 1 до 5 професори, наставници, кои прифаќаат деца, но еве оваа прилика ја користам да им се заблагодарам и на родителите кои се солидаризираа со нас и не ги донесоа своите деца во училиштата и градинките.

Значи од колку наставници, колку се на настава, а колку не се?

Пример во моето училиште „Добре Јованоски“ од 90 наставници само 2 наставници работат и тоа со 10-тина деца во училница.

А во другите училишта?

Во другите училишта пример во „Св. Климент Охридски“ се 6 наставници кои работат, другиот дел во Климент се од стручната служба кои не штрајкуваат,

во Индустриско имаме исто 6 професори кои работат, но уште еднаш напоменувам дека викендов имаме сознанија дека имале голем притисок тие членови на СОНК, да не го поддржуваат штрајкот. Напоменувам дека ако некој се осмели да врши притисок на членството на СОНК, а и на колегите кои не се членовии на СОНК, доколку имаме сознанија кој го правел тоа ќе биде пријавен и ќе одговара по кривичниот закон.

Уште еднаш кои се вашите барања?

Барањата на СОНК се усогласување на платите со колективниот договор. Во моментов бараме 18.4, разликата што е од минималната плата од 15.200 до 18.000 денари, меѓутоа во континуитет бараме спроведување на платата, со множење на коефициентот со минималната плата на национално ниво. Им дадовме период до јануари 2024 година да се исполни барањето со минималната плата и да влези во колективниот договор како што е тоа во Култура. Значи и во сите наредни колективни договори кои ќе ги потпишува СОНК, минималната плата на национално ниво, брутото, да се множи по коефициентите или бодот да се пресметува со минималната плата на национално ниво.

До кога ќе трае овој штрајк?

Штрајкот трае се додека Владата не излезе со понуда до СОНК. И доколку понудата е прифатлива за Советот на СОНК, тогаш таа ќе се пушти до членството. Значи сите членови на СОНК одлучуваат дали ќе се прифати или не. Доколку мнозинството членови одлучат да се прифати пример таа понуда штрајкот ќе се прекине. Доколку не одлучи пак штрајкот ќе се стави во мирување додека не одлучи членството.

И како ќе се надополнат овие изгубени денови за учениците?

Тоа е во договор со Владата, ќе се разговара, и преговарачите на СОНК ќе разговараат дали ќе изгубиме многу денови или не. Јас се надевам дека што е можно побрзо ќе го решиме ова и ја замолувам Владата да седнат со преговарачкиот тим на СОНК и да изнајдат заедничко прифатливо решение, со кое би се задоволиле барањата на членството. Не е овде само платата тука е и колективниот договор, додатоците на плата тука влегуваат и сите други барања кои ги изнесовме на прес.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи