ВИДЕО – Комплетно ќе се реконструира спортскиот аеродром кај Прилеп, ќе се отвори со голем аеро митинг


Конечно после цели 50 години комплетно ќе се реконструира спортскиот аеродром Прилеп во близина на селото Мало Коњари, а аеро клубот Прилеп ќе добие пристојни услови за работа. Главни иницијатори за ова се Дејан Пеливаноски, претседател на аеро клубот и Ѓорѓи Манчески, управник на аеродромот кои неуморно работат ова место да го врати стариот сјај.

Во првата фаза беше предвидено бетонирање на самиот хангар, проширување и бетонирање на стајанката за воздухоплови. Бетонски ограниители на писта. И сега во втора фаза е предвидено комплетно препокривање на хангарот. Трета фаза е предвидена за реновирање на просториите на аероклубот и изградба на летниковец. Исто така комплетно ќе биде реновирана и пистата. Се планира се да биде завршено во месец јуни“, истакна Дејан Пеливаноски, претседател на аеро клубот Прилеп.

Хангарот е изграден во далечната 1972 година, а тука функционирале повеќе секции како: моторно летање, едриличарство, моделарство, падобранство. Сега останати се само ултра лесното летање и дел едриличарство и тоа благодарение на приватниот авион на Пеливаноски.

„И се надевам дека во најскоро време од тука ќе полета првата едрилица после толку многу долго време. Граѓаните ќе може да дојдат тоа да го следат или да направат евентуално некој туристички информативен лет со едрилиците и секако некои млади луѓе кои ќе покажат интерес да се занимаваат малку со тоа. Размислуваме да ја обновиме и моделарската секција“, вели Ѓорѓи Манчески, управник на аеродромот.

Во Македонија има 5 вакви воздухопловни центри и тоа во Скопје, Куманово, Штип, Битола и сега во Прилеп. Сите освен оној во Штип функционираат со приватни воздухоплови, државата воопшто не го помага овој спорт, ниту пак овие центри.

 „Аеро клуб Прилеп има еден „пилатус“ кој не е оперативен и авион „Утва“ кој исто така не е оперативен и потребни се големи средства за да тие станат оперативни. Во наредна фаза ќе одлучиме што ќе правиме со тие воздухоплови и дали имаме потреба да ги активираме. За повторна оперативност на овие воздухплови потребни се минимум 20 до 30.000 евра“, рече Пеливаноски.

Се планира прилепскиот аердром да се отвори со голем аеро митинг, со воздухоплови од повеќе градови од Македонија.

„Планираме сите оние пријатели кои имаат авиони и едрилици во Македонија, дали се лоцирани во Скопје, Штип или Куманово да ги поканиме, да дојдат и да направиме една заедничка дружба како што се правело во минатото. И можеби тоа би заличило на еден аеро митинг како некогаш“, додаде Манчески.

 Откако свечено ќе биде отворен овој центар во јули ќе бидат објавени и условите под кои некој може да биде член на аеро клубот Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи