ВИДЕО – Стотици граѓани од неформалните населби немаат лична карта, други за да добијат прикажуваат лажни адреси на живеење

28 годишниот Феим Алиоски од Прилеп е само еден од стотиците граѓани во Македонија кои живеат во неформални населби и токму поради тоа не можат да извадат лична карта, иако имаат извод од матичната книга на родените. За да се извади лична карта потребен е имотен лист, односно постојана адреса на живеење, а Алиоски го немал тоа, затоа што целата населба Три Багреми во Прилеп каде живее не е внесена во Деталниот урбанистички план.

„Немав право на социјално, немав право на лечење, немав право на ништо. И да се разболев се си плаќав приватно. Кога ќе одев во полиција да извадам лична карта ми бараа имотен лист, јас му кажував дека немам имотен лист, тие ви велеа види најди. А јас немав како да извадам. Со овој проблем тука се соочуваат повеќе луѓе“, вели Феим Алиоски, жител на населбата Три Багреми од Прилеп.

Најголемиот дел од граѓаните кои живеат во овие населби за да добијат лична карта се пишуваат дека живеат кај свои роднини или пријатели, а всушност живеат тука. Но, Алиоски немал никој и не можел никаде да се запише дека живее. После 10 години борба со системот Алиоски конечно извадил лична карта, пред само неколку месеци, со помош на НВО СТАНИЦА 5 од Прилеп. За да го добие овој документ бил склучен договор за закуп.

„Но имајте во предвид дека луѓето се соочуваат со финансиски импликации бидејќи таа процедура да се склучи таков договор подлежи на финасиски трошоци, а тоа и не е регуларно, во контекст на тоа дека луѓето се водат на една адреса, а живеат на друга, со тоа што нема да бидат достапни за органите на прогонот, за другите државни служби, за имунизација, за образование и слично“, велии Џенгис Бериша НВО СТАНИЦА 5 од Прилеп.

Иако од невладиниот сектор постојано апелирале до сите надлежни институции и до општината ова да се реши со обезбедување на адреса по службена долност, засега нема слух тоа да се реши и давале примери како тоа е решено во другите земји, за жал засега државата нема слух.

„Затоа ние апелиравме до Општината и другите релевантни институции како МВР и слично, да обезбедат адреса по службена должност, односно службена адреса каде луѓето ќе може да се водат и на тој начин нема да се одолговлекува проблемот бидејќи станува збор за децениски проблем. Кој што проблем се рефлектира со неуживање на основните човекови права како пристап до здравствено осигурување, социјална заштита и вработување“, додаде Бериша.

Луѓе со вакви проблеми освен во Прилеп живеат и во неформалните населби „Под Кале“ во центарот на Скопје, „Петочна Вода“ и делови на „Баир“ во Битола, „Стара касарна” во Кочани, ул.29 Ноември во Тетово, „Дупка” во Гостивар и други градови.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи