Денеска би требало да почне организацијата за товарење и испорака на српски зејтин во земјава како готов производ, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Србија во петокот ја донесе одлуката за извоз на масло за јадење во Северна Македонија. Како што соопшти тогаш министерот Љупчо Николовски, се работи за два милиони литри зејтин, што ќе ги задоволи потребите на земјава за еден месец.
„Можно е доколку има потреба да се донесе одлука за увоз на дополнителни количини. Состојбите се следат, а комуникацијата со српските власти е континуирана“, рече министерот.
Фабриките во земјава кои произведуваат масло за јадење се соочуваат со недостиг на суровина за производство на готов производ. Од Брилијант кои произведуваат околу 70% од маслото во Македонија и кои своите суровини ги набавуваат од Србија резерви за производство имаат само за уште еден месец, додека велешка Маслодајна и струмички Алмакс за производството веќе започнаа да увезуваат нерафинирано масло од Бугарија од каде нема никакви ограничувања.