Во „Аџибадем Систина“ минатата година граѓаните оставиле запрепастувачки 77,5 милиони евра, а во „Жан Митрев клиник“ 32,5 милиони евра, или само во овие две приватни здравствени установи, за извршените здравствени услуги, народот платил 110 милиони евра! Во 2020 година, пак, во овие две болници се слеале 69,1 милион евра или 40,9 милиони евра помалку од лани. Ова го покажуваат податоците за приходите на здравствени установи кои порталот „Пари“ ги обезбеди во соработка со БизнисМрежа.мк.
И покрај тоа што трупаа бомбастични приходи, двете болници останаа имуни на молбите на граѓаните да сочувствуваат во корона кризата и да ги намалат цените.
Во Македонија, според регулативата секој има здравствено осигурување, но корона-пандемијата го клекна здравствениот систем на колена, а приватните здравствени установи, каде што многумина побараа спас, тоа добро го наплатија. Додека на социјалните мрежи почнаа да се споделуваат апели за собирање пари за помош на болните, на површина исплива и болната вистина, дека за една недела лекување авансно се бараат по 12.000 евра. На крај, сметките што стигнуваа до граѓаните беа страшни, 20-30 илјади евра преживеал или не пациентот. За жал, некои останаа и без пари (често и позајмени) и без своите најблиски.
Пациентите што ги изгубија најблиските во двете болници апелираа до надлежните сериозно да испитаат како се лекувале пациенти во болнициве и како им се наплаќало.
За корона-профитерство најдобро зборуваат податоците за остварените профити во однос на вкупните приходи.
Минатата година, „Аџибадем Систина“ на вкупен приход од 77,5 милиони евра направи нето-добивка (оданочена, чист профит) од дури 17,3 милиони евра. Или, стапката на профитабилност на „Аџибадем Систина“ (нето-профит во однос на вкупен проход) изнесуваше дури 22,3%. Тоа значи дека речиси секој петти денар платен за некоја здравствена услуга одел на сметка на профитот. На официјалната страница на „Аџибадем Систина“ претставен е Одборот на директори. Претседател е Мехмед Али Ајдинлар, а членови на Одборот на директори се Јордан Камчев, Антоније Мароноски и Тахсин Ѓунеј.
Со 32,5 милиони евра приход, Клиничката болница „Жан Митрев“ минатата година направила нето-добивка од 9,2 милиони евра. Или, стапката на профитабилност на „Жан Митрев“ била дури 28,3 проценти. Така, оваа клиничка болница може да се пофали дека била поспособна за правење профит од „Аџибадем Систина“. На нивната официјална страница каде што е претставен менаџментот, нема одбор на директори, а директор е д-р Жан Митрев.
Останатиот дел од анализа на следниот линк https://pari.com.mk/korona-profiterstvo-vo-sistina-i-zan-mitrev-narodot-platil-110-milioni-evra-lani-41-milion-povekje-od-2020/