По 15 пат во Прилеп се одржа традиционалната Велигденска хуманитарна акција која се одвиваше во 4-те поголеми цркви во Прилеп, а организатор е неформалната хуманитарна организација Свети Никодим Тисмански и Прилепски. Во текот на изминатава една недела граѓаните можеа да донираат средства во специјалните кутиии кои беа поставени во храмовите, а со кои потоа се купи храна за околу 140 социјално загрозени семејства. Со свои донации учествуваше и прилепскиот бизнис сектор. Дел од овие пакети ќе бидат поделени и во руралните средини околу Прилеп.
„Учествуваше буквално цел град, верниците, бизнис секторот, црквата, голем број граѓани. Како и секоја година се носат пакетите со такси Прилеп, утре се повикани оние граѓани кои ги избраа свештениците, доаѓаат си ги земаат пакетите и со такси си одат дома“, вели Драган Џокоски, хуманитарна организација Свети Никодим Тисмански и Прилепски.
Во прилепските цркви вакви акции се организираат 2 пати годишно сега за Велигден и за празникот Божик. Од организацијата Свети Никодим Тисмански и Прилепски велат дека секоја година се поголем и поголем е бројот на оние на кои им треба помош.
„Не се радувам воопшто на поголемиот број на овие пакети, јас би сакал да се намалат. Секоја година да имаме се помалку и помалку, но тоа не е така. Се радувам што ги собираме овие пакети, но бројот на наши сиромашни граѓани се повеќе се зголемува и тоа е еден знак дека нешто не функционира во државата. Кога започнавме пред 15 години започнавме со 30 пакети, сега имаме 140, а бројот на потребни пакети е сигурно далеку поголем, но засега толку ни се можностите“, додаде Џокоски.
Овие пакети денеска ќе бидат однесени до домовите на кои оваа помош им е најпотребна. Инаку оваа хуманитарна организација со разни донации во храна, пари и други намирници им помага на социјално загрозените семејства преку целата година.