Според најновиот извештај на „Фридом Хаус“, Македонија сè уште е во категоријата на хибридни режими или влади во транзиција и се уште нема промени во својот учинок.
Во извештајот насловен како „Земји во транзиција – од слабеење на демократијата до авторитарна агресија“, Македонија е со непроменета оцена 3.82, односно исто како и минатата година. Просечната оценка на Македонија постојано паѓаше од 2012 до 2017 година. Земјава падна во категоријата „хибриден режим“ во 2013 година. Од 2017 до лани има раст, но во изминатата година има стагнација.
Најдобро оценета држава на Западниот Балкан е Хрватска, па потоа следат Црна Гора, Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, односно сите држави освен Хрватска се во групата на хибридни режими.
Според „Фридом Хаус“, овие режими можат да бидат демократски во минимална смисла, односно да имаат редовни, конкурентни избори, но нивните нефункционални институции „не се во состојба да ги испорачаат дефинитивните компоненти на либералната демократија: проверка и баланс, владеење на правото и цврста заштита на правата и слободите на сите“.