Велики Петок — ден од Страдалната Седмица, христијански празник на денот кога е распнат Исус Христос. Овој ден е посветен на спомнувањето на осудувањето на смрт, Крстните страдања и смртта на Спасителот. По 2 години празнување на овој ден според одредени празвила, мерки и протоколи поради пандемијата денеска храмовите во Прилеп се широко отворени за верниците. Мерките се скоро укинати, останува секој лично да почитува дел од нив, и се очекува црквите да бидат преполни од верници кои ќе дојдат да се поклонат на Плаштаницата која го симболизира починатиот Христос и Неговиот гроб.
„Денес го празнуваме еден од најтажните празници во православната црква – Велики Петок. Нашата прва асоцијација за овој празник е созданието го предаде својот создател, човекот го предаде својот Бог, го распна на крст и ја посака Неговата смрт. Во тој спомен се празнува денешниот ден и денес го празнуваме не само неговото распнување туку и неговото погребение на нашиот вистински спасител и Бог Исус Христос. Ќе видиме како Исус Христос го симнуваме од крст и го положуваме во гроб. Симболиката на тоа е Плаштаницата која ќе ја изложиме тука на средината од црквата и верниот народ ќе доаѓа и со солзи да се помоли и поклони пред мртвиот, а уствари вечно живот Христос“, вели отец Емилијан Зелнички.
„Храмот Свето Благовештение ги отвора широко вратите за своите верници да дојдат и да се поклонат на Плаштаницата на нашиот Господ Исус Христос. Бидејќи бевме затворени овие 2 години поради пандемијата и ги почитувавме мерките сега сме отворени и слободно секој може да дојде и да се поклони пред нашиот Господ Исус Христос“, рече Драган Трајкоски, црковен настојател во црквата Свето Благовештение.