ВИДЕО – Прилеп ги има најчудните и најинтересни народни обичаи за Велигденските денови


Православните христијани денеска го празнуваат Велики петок, најтешкиот и најтажниот ден во годината, денот на страдањата и смртта на Исус Христос. По 2 години празнување на овој ден според одредени мерки поради пандемијата, денес кога најголем дел од мерките се укинати храмовите во Прилеп беа преполни. Верници доаѓаа да се поклонат на Плаштаницата која го симболизира Христовиот гроб.

„Нашата прва асоцијација за овој празник е созданието го предаде својот создател, човекот го предаде својот Бог, го распна на крст и ја посака Неговата смрт“,вели отец Емилијан Зелнички.

Според етнолозите пак за овие Велигденски денови освен одењето во црква во Прилеп во минатото се почитувале едни од најчудните обичаи во Македонија.

„Во четврток исто така се спремаат магиии, жените мамници гледаат црна кокошка да снеси јајце, кое подоцна го користи во обредни цели и јас мислам дека и денес има луѓе кои веруваат во тоа и би ја платиле таа услуга. На Велики Петок има табу за користење на шајки и игли, бидејќи Христос е распнат и закован на крстот. На Велики Петок се чисти дома, а посебно се обрнува внимание на чистењето на ногалките од столиците и крпата со која чисти се фрла на некое вахабно место или каде има течение на некоја вода, пример по некоја река. Тоа е верување дека преку годината на луѓето им се направени магии. Во петок богатите черечеле јагниња и им делеле месо на сиромашните кое требале да го јадат за Велигден“, истакна Александар Цветкоски, етнолог во Завод и Музеј Прилеп.

Голем дел од нив сега не постојат или се видоизмениле.

„Но не се замрсува со јагне, луѓето знаеле уште рано наутро да замрсат во врапче или пиле, а подоцна ја јаделе печенката. Обично јајцата ги јаделе само белките, а жолчките ги чувале секогаш за лек. Децата се капат со црвено јајце, а исто така се протнуваат јајца низ облеката на младомажените. Кршење на јајце на рогот од самата стока. Лепење на лушпите од тоа јајце на куќата и стопанските објекти за да штити од демони. Исто така дел од тие јајца не се јадат сите веднаш туку се чуваат за 8 големи четвртоци. Затоа што до Спасовден од Велигден има 7 четвртоци, 8-миот е Спасовден и на тие четвртоци не се работи“, додава Цветкоски.

Најголемиот дел од овие обичаи црквата воопшто не ги оправдува бидејќи се поврзани со паганизмот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи