Крушево за прв пат на 30-ти и 31-ви јули ќе биде домаќин на саем за бизнис и туризам на кој ќе учествуваат компании од Балканот и Европа, а на кој ќе се презентираат можностите за инвестирање во Крушево како и туристичките потенцијали. Се очекува овој саем да претставува можност за отворање на нови работни места, но и уште поголем развој на туризмот во текот на целата година.
„Од една страна ја имаме индустриската зона во која што има уште една слободна парцела, таа се однесува на лесна и незагадувачка индустрија. Исто така различни услуги и стоваришта тука можат да се сместат. Од друга страна има и неколку објекти кои што се на продажба или на изнајмување кои можат да послужат за текстил, апартмани и слично. Значи бенефитот е од две страни, значи нови посетители на Крушево, а од друга страна можност на сите правни субјекти да се промовираат“, рече Сотир Габелоски, Општина Крушево.
Саемот ќе се одржува во центарот на Крушево каде бидат поставени штандовите на компаниите. А идејата била сепак со тоа да не се загрози локалната економија.
„Ако тука имаме некои фирми од областа на откуп и преработка на тутун да не создадеме вештачка конкуренција, каде ќе биде загрозен постојниот откуп или продажба на тутун, да речиме мебел ако производство, преработка, дограма и слично. Но тие работи треба во комуникација директно со странските понудувачи и инвеститори, треба да се прошири нивната дејност. Нашата цел е отворање на нови работни места, но не да ги загрозиме постојните работни места“, истакна Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Како дел од овој саем во септември во Крушево ќе се одржeл музичко-културен настан на кој се очекува во само еден ден да бидат присутни од 5.000 до 7.000 гости. Инаку туризмот се повеќе се развива во Крушево, оваа зима имало 30% повеќе гости за разлика од лани, а за Велигден и 1 Мај се очекува исполнетост на капацитетите до 80%. Голем број посетители, особено параглајдеристи се очекувале и во текот на летото.
„Во тек на целата манифестација „10 дена Крушевска Република“ очекуваме до 5.000 гости во рамките на тие 10 дена. Тука имаме и други содржини од областа на спортот, очекуваме неколку меѓународни натпревари, во исклучок на руското и украинското првенства кои традиционално се одржуваа во Крушево, оваа година ќе бидат повторно подготовките за Светското првенство во змајарство“, додаде градоначалникот на Крушево, Христоски.
Наскоро се очекува да започне и реализација на европскиот проект – „Крушево и Елбасан – признаена туристичка прекугранична дестинација“, вреден 744.000 евра.