По повод 15 години од загинувањето на нашата најголема музичка ѕвезда во Крушево се организираше „Меморијал Тоше Проески“, специјализираната ревија на изворни македонски шарпланинци и коњи, каде покровител беше Општина Крушево, а организатори се коњичкиот клуб „Мусица“ и Енџел Мјузик. Одгледувачите на овие кучиња се особено горди на нив бидејќи ги сметаат за чиста раса, која била поубава и поинтелегентна од урбаните шарпланинци кои на сите ни се познати. Станува збор за овчарски кучиња, кои се доволно силни да се борат со волците.
„Природни автохтони македонски врсти на овчарски кучиња што би се рекло македонско кинолошко богатство. Ги има во разни варијанти. Така е и на самот терен. Еве пример ова е тип на карабаш, прочуен постар пес, со изразито забало, тој мора да биде моќен за да се бори со волците кои имаат страшно силна вилица“, вели Тони Шмит, кинолог и одгледувач на стари автохтони македонски шарпланинци.
Освен до Македонија имаше гости и од соседна Србија каде исто така просперира овој вид на кучиња. Овие кучиња за жал бидејќи се изворна раса не можат да добијат педигре и документи.
„Ова е овчарски пес. До скоро беше на бачило чуваше овци, а сега моментално е кај мене дома, домашна варијанта, го чувам веќе 5 години и ја продолжуваме линијата на таа стара изворна раса на шарпланинци“, вели Иван Стојановиќ, одгледувач на изворна раса на шарпланинци.
На ревијата имаше и коњи. Тие се користат пред се за туристичка промоција. Голем број туристи кои доаѓаат тука сакаат да ја видат крушевската корија јавајќи на коњ.
„Интересот е доста голем како од странските така и од домашните туристи. Имаме направено пакети со туристичките капацитети, со хотелите и со туристичките агенции кои ни носат туристи во Крушево. Кога ќе дојдат тука ние држиме кратка обука со која туристите се запознаваат со јавањето и коњите и потоа се започнува со турите. Имаме пократки и подолги тури, во зависност од подготвеноста на јавачите“, истакна Диме Велески, организатор на манифестацијата.
Одгледувачите велат дека коњите наголемо се враќаат во Македонија, се отворале се повеќе јавачки школи и ранчови.
„Да го оттргнеме вниманието на младата популација од комјутерите од седењето дома со тоа што ќе ги омасовиме овие манифестации и ќе им дадеме до значење на одгледувањето на коњи. Од ден на ден се повеќе се одгледуваат коњи за јавање кај нас“, кажа Гоце Трпчески, одледувач на коњи.
Организаторите се надеваат дека во периодот кој следува ќе организираат и други ваквии ревии со уште повеќе учесници како од Македонија така и од странство.