Велигден во црквата Света Петка во Прилеп


Одбележување на најголемиот христијански празник во црквата Света Петка во Прилеп. Христос Воскресна, Навистина Воскресна!

ВОСКРЕСЕНСКА ЧЕСТИТКА

Почитувани,

Браќа свештеници, чтеци, певци, вработени при храмот, членови на Црковниот одбор, членови на Иницијативниот одброр за градба на храмот, парохијани и верни прилепчани, браќа и сестри во Христа, со вашите семејства, ви го честитам Празникот на празниците со Христовиот поздрав: Мир вам!

Од срце ви посакувам овој најторжествен празник да го поминете пред се’ во мир, добро здравје и духовна благосостојба, а со радоста и љубовта од овој празник да ги „инфицирате“ своите ближни и сите луѓе па нека „заболат“ од добра волја, радост, љубов и вера во подобро утре и надеж за вечен живот.

Почитувани,

Апостолите Петар и Јован беа првите кои ѕирнаа во гробот Христов, но најважно е што од него излегоа како нови луѓе. Влегоа во местото каде што царува вирусот на смртта незнаејќи дека тој вирус е победен од друг вирус. Вдишувајќи во гробот, апостолите излегоа инфицирани со нов вирус – вирусот на животот, кој ќе го инфицира целиот свет и сите луѓе а тие двајца, Петар и Јован, ќе бидат нултите пациенти кои ќе го рашират низ светот и ќе предизвикаат светска, историска и вонвременска пандемија која никогаш не ќе може да се сузбие!

Изворот на овој вирус е Христос и Неговото воскресение и претставува последица на Неговата неизмерна љубов кон нас – човечкиот род.

Во овие денови, кога светот е немоќен да осигура мир; да воспостави праведно општество имуно на криминал, корупција, неправди, беззаконија; да им даде леб на гладните и вода на жедните; да го сочува достоинството на бракот и семејните вредности; да ги утеши ожалостените; да ги насити гладните и жедните за правда; да ги заштити кротките, сиромашните, вдовиците, сираците, болните; да ги возљуби жедните за љубов – сите чувствуваме насушна потреба ширум да Му ја отвориме вратата на Носителот на вирусот на животот и Победителот над смртта; да Му дозволиме да навлезе во сите пори од нашето секојдневие; да го маргинализираме нашиот имунитет и да дозволиме Тој да навлезе и да ги „зарази“ нашите срца со љубов, нашите души со мир, нашето битие да биде инфицирано со воскресенската радост и да ни ги отвори очите за да можеме да го одбереме вистинскиот пат. Искрено се надевам дека воскресенската радост ќе не’ инфицирани во што поголем број и, потоа сите ние ќе придонесеме во предизвикување на воскресенската пандемија!

Сакам да искажам особена благодарност до браќата свештеници, чтеците, певците, вработените при храмот, членовите на одборите при нашиот храм посветен на „Св. Петка“, донаторите, украсителите и сите верни чеда кои несебично се вложија себе си, не само при организацијата за достоинственото и торжествено дочекување на Велигденските празници, ами и во целокупниот „живот“ на нашиот храм!

Со посредството на благословот од нашиот епархиски архиереј Неговото Високопреосвештенство митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски, и водени од љубовта према Христа и Неговата Црква убеден сум дека и во иднина успешно ќе одговориме на сите предизвици кои ќе се исправат пред нас! Ви благодарам од срце! Да сте ми здрави, живи и од Бога благословени!

Велигденската порака да нѐ потсетува дека најважно е да се прават делата на љубовта и добрината, носејќи го крстот на сопствениот живот и јавната одговорност.

Христос Воскресна!

Навистина воскресна!

Честит и благословен Велигден!

Со почит

в. д. старешина на храм „Св. Петка“

протоереј Љупче Петрески

 

 

 

 

 

 

 

 


Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи