Триесет години денар

На 26 април 1992 година, пред 30 година, Република Македонија монетарно се осамостои, а новата македонска валута го доби името „денар“.

„Република Македонија воведува сопствена парична единица што ќе го носи името денар и еве задоволство ми е да видите како тие парични единици се печатени“, беа зборовите на првиот премиер на Македонија, Никола Кљусев кога го претстави денарот од собраниската говорница.

Подготовките за спроведување на монетарното осамостојување започнуваат веднаш по прогласувањето на независноста и донесувањето на Уставот на Македонија. Тоа првично започна со воведување на бонови кои требаше да ги заменат тогашните југословенски динари. На 7 февруари 1992 г., во трезорите на НБРМ се депонирани 27.858.696 парчиња вредносни бонови, печатени во печатницата „11 Октомври“ од Прилеп, а замената почна на 27 април 1992 година и траеше три дена.

Боновите се издадени во апоенска вредност од 10, 25, 50, 100, 500 и од 1.000 единици со унифициран дизајн и со различна боја. На предната страна на боновите се претставени тутуноберачи, а на задната страна е споменикот Македониум во Крушево, дело на вајарот Јордан Грабул.

 

По пуштањето во оптек на вредносните бонови, НБРМ започнува со подготовките за издавање на првата стандардизирана емисија на македонски денари (банкноти во апоени од 10, 20, 50, 100 и од 500 денари, како и монети со вредност од 50 дени и од 1, 2 и од 5 денари).

Така, на седницата на Советот на НБРМ, одржана на 10 декември 1992, е донесена одлука за распишување конкурс за изработка на новите пари. Во 1993 година беше пуштена серија од банкноти во вредност од 10, 20, 50, 100 и 500 денари, а во 1996 година беа воведени и банкноти во вредност од 1000 и 5000 денари.

Во 2016 година беа воведени и банкноти од 200 и 2000 денари. Истовремено, книжните пари со апоенска вредност од 5000 денари беа повлечени од оптек како последица на нејзината незначителна примена во секојдневните трансакции и намалената побарувачка од страна на банките.

Името денар е добиено по истоимената античка римска валута (лат. denarius), која се користела на оваа територија и во минатото. Името го има дадено академик Петар Илиевски, а како предлози во тој период биле разгледани и „македонски динар“ и „лав“.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи