ВИДЕО – Изложба на творби од креативни пациенти од психијатриската болница од Демир Хисар во Прилеп


Психијатриската болница од Демир Хисар по 30 јубилеен пат во Прилеп организираше изложба со творби од креативни пациенти. Беа изложени 55 дела кои се твореле во последниве 30-тина години во најразлични техники, како масло на платно, комбинирана техника, колаж, резбра во дрво, цртежи со молив, плетени ракотворби и збирки на поезија. Сите овие творби се изработени во Центарот за рехабилитација кој се наоѓа во болницата.

„Чест ни е што по 21 година сме повторно во Прилеп да ги прикажиме нашите творби и дела на нашите пациенти во Психијатриска болница Демир Хисар. Ова ни е 30та изложба, сакам да им посакам и во иднина да продолжат да творат, да се пронаоѓаат во делот на уметноста. Сакам да им се заблагодарам на работните терапефти за нивната ангажираност“, рече Стевче Ѓуркоски, в.д директор на Психијатриската болница  Демир Хисар.

 

„Дневно посетени се околу 40 пациенти кои идат и кои творат, работат и се вклучени во работна терапија. Во центарот покрај ова сето што е изложено, имаме и спортска сала, се бават со спорт, имаме музички кабинет каде тие можат да си го изразат она што си го носат во себе, свират на инструменти, играат, пеат. Исто така имаме една опремена работилница со спортска опрема каде што работат физиотерапевти и се вклучени во процесот на рехабилитација“, вели Драгица Ристевска, ликовен терапевт.

Стручните лица од психијатриската болница велат дека изработката на овие дела е дел од терапијата на овие пациенти која многу им помагала да ја надминат состојбата во која се наоѓаат.

„Зошто е потребен тој центар? Значи покрај ампуларна и таблетарна терапија, работната терапија исто е многу важна. Идат во центарот за рехабилитација, се социјализираат, се дружат меѓу себе, стануваат критични, самокритични, им се подигнува самодовербата и додека работат се смирени во процесот. Значи додека го работат тоа тие се внесени во тоа и онаа возбуденост и сето тоа им исчезнува додека самите работат во процесот на рехабилитација. Предизвик е да се работи со пациенти од оваа категорија на луѓе, меѓутоа задоволството е обострано кога ќе се види крајниот резултат на нивната изработка“, додаде Драгица Ристевска, ликовен терапевт.

 Вакви изложби се правеле барем еднаш годишно во различни градови во Македонија, последен пат Прилеп оваа изложба била во 2001 година. За жал во Демир Хисар нема простор за постојана поставка каде би биле изложени овие творби. Единствено може да се видат низ ходниците во Центарот за рехабилитација и во ликовниот кабинет каде се творат. Ова би можело да биде и поттик за државните институции во иднина да овозможат средства за уредување на еден ваков простор каде посетителите би можеле постојано да ги гледаат овие уметнички креации.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи