ВИДЕО – Прилеп стана првиот град во Македонија член на Националната асоцијација за дојдовен туризам


Прилеп стана првиот град во Македонија член на Националната асоцијација за дојдовен туризам. Иако можеби Прилеп нема езеро или море развојот на фестивалскиот, спортски и културен туризам на овој град му носеше илјадници посетители во текот на годината. Со пандемијата посетите замреа, а за да се обнови повторно оваа приказна се одржа работен состанок на повеќе чинители од Прилеп вклучени во туристичкиот сектор.

„Општина Прилеп веќе 12 години наназад и според својата годишна програма која ја има работи на развојот на туризмот во Прилеп. Бидејќи ние како што знаеме немаме тука езеро или море за развој на мас туризмот мора да развиваме алтернативен туризам, фестивалски туризам или културен туризам, нели Прилеп се одликува со огромно богатство со црквите и манастирите кои ги имаме одоколу“, истакна Гоце Бојкоски, организатор на настанот.

Присуствуваа и дел од тур операторите членови на Асоцијацијата за дојдовен туризам кои се запознаа со сите потенцијали кои ги нуди Прилеп.

Најважно нешто за сите нас е воспоставување на колку што е можно повеќе конекции, затоа сме дојдени тука, знаете луѓето прават бизнис со луѓето кои ги познаваат и затоа сакаме да ги запознаеме чинителите кои се инволвирани во локалниот туризам и мислам дека ќе имаме одлично дружење кое ќе резултира со поголеми конекции и бизнис соработки“, рече Влатко Сулев,  претседател на Националната асоцијација за дојдовен туризам.

Туристичките водичи препорачуваат поголема афирмација на културното богатство кое Прилеп го поседува, а според нив е доволно застапено во туристичките понуди на Македонија.

„Значи стари антички, археолошки остатоци и слично, кои се врв не само во општинско ниво, туку и во државно, па и балканско ниво. Имаме тука една света населба Варош која е заборавена во презентацијата на културните програми за Македонија“, кажа Милан Велески, туристички водич.

Асоцијацијата наскоро ќе организира голем туристички настан со 30-тина тур оператори од странство на кои ќе им се претстават туристичките потенцијали на Македонија, вклучително и на Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи