Економската соработка е поуспешна ако регулативите и постапките на царинските управи се поедноставени, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на онлајн настанот „Унапредување на економските и царинските регулативи во време на криза“, што го организираше Амбасадата на Грција во Северна Македонија.
Според Битиќи, постои простор за проширување и забрзување на заедничката економска соработка, иако надворешната трговија со Грција непрекинато расте и вкупната трговска размена на крајот на минатата година била 943,265 милиони евра.
„Овој тренд е задржан и во првиот квартал на оваа 2022 година, а извозот и увозот се удвоени во споредба со истиот период од претходната година. Нивото на странски директни инвестиции што доаѓаат од Грција во 2021 година е 29,31 милиони евра, според податоците на Народната Банка на Република Северна Македонија“, посочи Битиќи.
Во текот на летото, според Битиќи, треба да биде усвоен и договорот за избегнување на двојното оданочување меѓу двете држави, што како процес беше започнат на почетокот на годинава.
Како позитивен пример, Битиќи го посочи воспоставувањето на „зелените коридори“ кои во рамки на земјите на ЦЕФТА обезбедија непречена трговија на Западен Балкан и во време на пандемија.
„Позитивното искуство сега се преточи во иницијативата „Зелени коридори“ која треба да се прошири меѓу шесторката од Западен Балкан и земјите членки на ЕУ, со што ќе се обезбеди брз проток на стоки во време на криза. Трговската поврзаност е клучна и олеснувањето на процесите и постапките е основа за нејзино постигнување. Царинската управа на Република Северна Македонија е активен актер и придонесувач кон постигнувањето на повисоките стратешки цели на земјата. Денешниот состанок е пример за овие напори. Ние се надеваме дека добрата соработка меѓу двете управи може да биде продлабочена“, рече Битиќи.