Европската комисија ги повикува сите партиите во Собранието на Северна Македонија да се однесуваат конструктивно, јави дописничката на МИА од Брисел.
Ова кусо го изјави портпаролката за проширување во Европската комисија, Ана Писонеро, на прашање за став на Комисијата за последните инциденти во Собранието и „активната блокада“ од страна на опозицијата.
„Ги повикуваме сите политички сили во Парламентот да работат заедно и конструктивно за да ги унапредат реформите поврзани со ЕУ во интерес на граѓаните“, изјави Писонеро.
ВМРО-ДПМНЕ и останатите партии од коалицијата „За обнова на Македонија“ во вторникот почнаа со, како што ја нарекоа, „активна блокада на Собранието“, која, според најавите, ќе трае се до „постигнување договор за датум за предвремени парламентарни избори“.